Скопје преполно со танчери! Започнува Светското првенство во хип хоп


Скопје е официјално во центарот на вниманието за светската танцова сцена! На оргомно задоволство особено на љубителите на хип хоп културата, долгоочекуваниот настан IDO World Hip-Hop Championship & Street Dance Show 2024, започнува оваа среда.

Неверојатната бројка од пет илјади танчери кои дојдоа во главниот град, е уште еден доказ дека Македонија е на мапата на глобалните танцови настани и претставува огромен успех за нашата држава – која ќе се покаже во одлично светло како домаќин и организатор на настанот.

Во организација на клубот „Брејк а Лег“, од 9 до 17 октомври, во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ ќе имаме можност да ги следиме најавените напреварувања во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“ во повеќе возрасни категории. Покрај натпреварувањата, како дел од овој спектакл, се најавува и концертот на Пајак, за кој влезот ќе биде бесплатен.

„Горди сме што имаме ваква прилика Македонија да ја претставиме во одлично светло пред светската публика. Очекуваната бројка на посетители е доказ дека танцот и спортот се одлична алатка за сплотување на народите од различните страни на светот. Предизвикот кој го прифативме беше поттикнат од нашата желба да докажеме дека преку заедничката страст кон танцот, сите учесници умеат да ги негуваат меѓусебната почит, толеранција и размена на културни вредности, со што се градат мостови помеѓу различните нации и традиции. Оваа манифестација го прави токму тоа; ја потврдува силата на танцот, кој како универзален јазик ги поврзува луѓето на глобално ниво,  изјави Трајче Петковски, организатор на настанот и основач на „Брејк а Лег“.

Првенството ќе биде вистински спектакл на енергија, креативност и танцови вештини, што ќе придонесе за позитивен дух и меѓународен престиж за нашата држава – со што Македонија уште еднаш покажува дека може да организира настани од светски калибар и да биде еден од клучните играчи во светот на уметноста. Ова е настан кој не само што претставува одлична можност за промоција на нашата култура и традиција пред меѓународната публика, туку и силен поттик за развој на танцовата индустрија во Македонија.

- Реклама -