Скопје и Охрид следната година добиваат шест нови авионски дестинации

Шест нови авионски линии со Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Базел и Истанбул ќе бидат отворени следната година, најави министерот за транспорт, Александар Николоски, на денешната прес-конференција.

Како што информираше министерот Николоски, четири нови авионски линии се однесуваат на скопскиот аеродром, каде два пати неделно ќе се лета на релација Скопје-Дубаи-Скопје (од 30 март), исто како и Скопје-Барселона-Скопје (од 30 јуни), додека, по три пати неделно ќе се лета Скопје-Лион-Скопје (од 30 јуни) и Скопје-Штутгард-Скопје.

На охридскиот аеродром, новина се линиите Охрид-Базел-Охрид која ќе лета два пати неделно и редовната линија Охрид-Истанбул-Охрид (од 30 март) која ќе лета четири пати неделно.

Министерот информираше дека државата субвенционира 12 евра по патник на доаѓање на охридскиот аеродром и 9 евра по патник на доаѓање на скопски аеродром. Тој рече дека се очекуваат 200 000 патници плус со новите линии.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

–  Овие шест дестинации се прекрасна вест за македонските граѓани. Директно поврзување со Дубаи, Барселона Штутгард, Лион, Базел и Истанбул се прекрасна вест која ќе донесе бројни нови туристи и полесно патување за македонските граѓани, рече министерот.

Дополни дека се во процес на подготовка на втор повик кој треба да се објави кон крајот на ноември и да донесе нови дестинации.

Во моментов, на скопскиот аеродром во лето оперираат 47 дестинации, а на охридскиот осум, додека, во зимскиот период 38 од скопски и четири од охридски аеродром.

Виз Еир е авионската компанија задолжена за новите летови за Штутгард, Базел, Барселона и Лион. Флај Дубаи за Дубаи и Туркиш Ерлајнс за Истанбул.

- Реклама -