Скопје домаќин на првата конференција за женско лидерство

Под мотото биди ментор, промени нечиј живот во Скопје на 6 јуни ќе се одржи првата конференција за женско лидерство и развој преку менторирање во организација на Македонската мрежа на ментори и Американската Амбасада.

На настанот свое излагање ќе имаат еминентни претставнички од македонското општество, но и претставници од голем број на земји од Европа и Америка.

Настанот е поздравен и високо оценет од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, кој ќе го отвори настанот со свој говор. Покрај Иванов, првиот дел на настанот ќе го комплетираат еминентни преставнички на политичката фела во Македонија.

198919_462257017186051_1730463586_n

Настанот е инициран и поддржан од Американската амбасада во Македонија. Покрај говорот на Американскиот амбасадор, Пол Волерс, во вториот дел од настанот свои излагања ќе имаат еминентни претставнички од политичкиот и деловниот свет од Европа и САД, кои имаат повеќегодишно искуство во проекти за афирмaција на жената.

Во третиот дел ќе биде активирана панел дискусија со дел од учесниците. Настанот ќе се затвори со модна ревија и коктел на кој сите учесници ќе можат да остварат вмрежување и потесно запознавање.

Прочитајте и:  Скопјани се жалат на загаден воздух, медицински лица велат заштитни маски не се решение

Настанот се организира со цел промоција на менторството од жена кон жена кој во светот се смета за најсилен метод за премостување на половите бариери и поттикнување на жените целосно да учествуваат во општествениот и економскиот живот низ сите сектори и нивоа преку својата деловна активност.

Како што најавуваат од Македонската мрежа на ментори овој настан ќе биде само почеток на низа активности кои ќе следуваат во текот на следниот период се со цел што поголема промоција на менторството во Македонија и афирмација на жената во сите општествени сфери.

Менторството претставува воспоставување на доброволен партнерски и едукативен однос во кој менторот преку своето професионално знаење и искуство дава поддршка за жената претприемач која е во своите професионални почетоци. Овој однос се заснова на меѓусебна почит и доверба, а се покажува преку заеднично разгледување на бизнис прашањата и предизвиците и давање конструктивни совети.

Менторството како модел е на големо промовиран на меѓународно ниво и досега во светот дава одлични резултати.

 

- Реклама -