Годинешното 32- то издание на Скомрахи донесе на сцена 6 претстави, 8 филмови, изложба, музика, прошетка, разговори по претставите, забави и работилница. Годинава Скопје беше домаќин на студенти од повеќе европски драмски и филмски академии кои поставија различни претстави на повеќе локации во Градот Скопје: академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Младинскиот културен центар и „Котур кафе и филм“. На студентските средби, кои се во организација на Факултетот за драмски уметности, публиката имаше можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка… заедно со оние на домаќините – студентите на Факултетот за драмски уметности.
-Навистина е убаво што имаме можност да се запознаеме со луѓе кои го работат она што го работиме и ние само се од други земји. Одиме на фестивали, но тие се обично во Романија со луѓе од нашата земја и немаме шанса да се поврземе со други култури и да видиме како тие го работат она што сите го сакаме и тоа е она што е убаво. Одлично е да се биде овде, да се види и да се доживее сето ова. За мене ваквите фестивали се „врвот“. За време на годината ако знам дека одам на фестивал, тоа е најдоброто време. Тоа е начин да се бидете инспирани. Кога ќе дојдете тука и ќе запознаете луѓе на наша возраст но со нивно сопствено искуство и можете да научите од тоа и да се чувствувате поинспирирано и секако посреќни сте да ја работите вашата работа, затоа што гледате дека и другите ја сакаат работата која вие ја правите – вели Патриција Флак, студентка од Романија.
Таа со своите колеги годинава настапи со претставата Double Fiesta која се состои од игри и движења и е во кoреографијата на Андреа Габрилиу.
-Се работи за претстава од 59 минути затоа што толку и трае музиката на која танцуваме. Претставата е за нас луѓето. Одиме на забава и на почетокот сме сосема прибрани. Имаме маски и се трудиме да бидеме навистина учтиви и да се вклопиме во општеството. Но како што забавата трае и ние танцуваме, почнуваме да се откриваме и да ги откриваме нашите анимални инстинкти и она што ние во суштина сме и маските почнуваат да паѓаат и стануваме она што луѓето во нивната суштина и се – вели Патриција.
Скомрахи годинава беше отворена со претставата „Кралот Иби“ на Алфред Жари во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности, во Драмскиот театар во Скопје. Мотото на годинешните студентските средби беше „Дионизија сега“.
-Навистина е важно да се сретнете со различни луѓе кои го работат она што и вие, особено ако се од различни места и имаат различен пристап во учењето и глумата и во она што го работат и навистина е интересно да се раговара со луѓето и да се види како тие гледаат на она што ние го работиме. Средината на театарот е секогаш комотна и ова овде се луѓе од театарот, но во исто време ова е ново место во кое се чувствувате како дел од големо семејство кое не сте го запознале, и да, се чувствувам одлично овде. Годинештото мото на Скомрахи е важна тема особено за тоа што го правиме ние, затоа што можеме да навлеземе во различни карактери, а сепак да останеме доследни на себе и да го правиме тоа што е дел од нас – вели Јанис Урошевиќ, студентот од Bern Academz of Arts.
Тој со колегите настапија со Dooschlogdadoo, драма составена од делови од текст од австрискиот поет Ernst Jandl кој користи деконструкција на јазикот и игра со зборови.
Словенечката драмска академија на Скомрахи се претстави со престава од Горан Стефановски која ја пишувал за Народниот театар во Љубљана и се вика „Figurae Veneris Historiae“.
Прв пат сум сум во Скопје и во Македонија и мислам дека нашата генерација е таа која немала искуство со Југославија, па тука се чувствуваме како дома и мене тоа навистина ми одговара – вели за Трн студентот Рок Личен.
Вчера во МКЦ беше изведен колективниот перформанс насловен „Дионизија сега“ во чие создавање, покрај студентите на ФДУ, учествуваа и сите учесници на „Скомрахи“, потоа студентите од ФЛУ, ФМУ и од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, студентите од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театарска педагогија на Академијата за уметност „Фонтис“ од Тилбург, Холандија, како и неколкумина уметници од локалната дрег-сцена.
Скомрахи годинава повикаа на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности и на колективно ослободување, преку свечено заедништво.
За впечатоците од претставите ни зборуваа Патриција и Јанис.
-Ја гледавме претставата на колегите од Швајцарија и зборувавме потоа како навистина уживавме во тоа како добро ја одиграа претставата, како пееа, како се движеа и колку храброст имаат. Тие навистина се ставија себе си на сцената и ја одиграа претставата со сета нивна енергија и храброст – вели Патриција.
За Јанис пак, најголем впечаток оставија претставите на студентите од Белгија и Украина.
-Имав можност да ги видам претставите на Белгиската школа и навистина ми се допадна исто како и претствата на студентите од Кијев Украина. Двете беа за мене многу инспиративни од различни причини. Имаше нависина интересни работи да се видат – вели Јанис.
Од своето основање во 1988 година, Скомрахи ги вмрежува студентите ширум Европа за да разменуваат идеи и да слават различни култури. И овогодинешната манифестација обедини студентите од европските академии и факултети да ја истражат моќта на уметноста во свет обележан со поделба, алчност и експлоатација.
Ова 32 издание на СКОМРАХИ беше поддржано од Europe House Skopje, УКИМ и Министерство за култура на Република Северна Македонија.
Фото Скомрахи