Тирана, 22 декември 2021 (МИА) – По објавувањето на личните податоци на албанските граѓани со право на глас пред априлските парламентари избори, денеска медиумите информираат за „нов скандал, кој е спротивен на Законот за заштита на личните податоци“.
Албанскиот претседател Илир Мета напиша на Фејсбук дека објавувањето на платите на Албанците е направено со флагрантно кршење на слободите, човековите права и достоинство, законите и Уставот, а според него, станува збор за повеќекратна незаконитост.
Станува збор за објава на список на плати, единствени матични броеви и работни места на 637.138 албански граѓани, меѓу кои функционери, политичари, службеници во јавна и државна администрација, како и вработени во прватниот сектор.
На списокот со кој располага агенцијата Балкан веб се наоѓаат и платите на претседателот Илир Мета и премиерот Еди Рама. Шефот на државата има месечна плата од 257.000 леки (2.106 евра), додека премиерот Рама 228.730 леки (1.874 евра).
Многу повисоки плати од нив имаат петмина вработени во Албанската тајна служба, ШИШ, чии плати се движат од 3.278 до 7.377 евра.