Скандал на клиниката за онкологија во Тирана, лекари ги упатувале пациентите во приватни болници и на тоа заработувале

Скандал ја тресе клиниката за онкологија при универзитетската болница „Мајка Тереза“ во Тирана, јавија медиумите.

– Обвинителството на Тирана го потврди скандалот за кој подолго се жалеа пациенти, во кој се вклучени лекари по општа медицина и специјалисти во клиниката за онкологија во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ во Тирана, наведуваат медиумите.

Според Обвинителството, осомничените во меѓусебна соработка ја злоупотребиле својата должност, бидејќи наместо да даваат услуги на пациенти со туморски заболувања, го правеле спротивното, упатувајќи ги во приватни болници заради економска корист.

-Врз основа на проактивни дејствија, вклучително и прислушување, теренски набљудувања, симулирани набавки, како и отворени истражни дејствија, откриени се случаи на различни пациенти на кои не им бил даден соодветен медицински третман и биле упатени во приватни клиники, посочуваат медиумите.

Во шемата биле вклучени и аптеки.

Обвинителството документирало случаи на набавка на лекови од значителна вредност за хемотерапија од аптека, кои овие лекови ги продавале без фискална марка и со избришан код, што создава сомнеж за автентичноста на овие лекови.

Во акцијата „патување“  приведени се 16 лица, запленети се медикаменти за кои е откриено дека се за болничка употреба, поточно земени од онколошкиот оддел. Исто така утврдено е дека битни апарати со кои располагала клиниката никогаш не биле употребени.

- Реклама -