На почетокот на денешното рочиште за „Титаник“, кое беше одложено бидејќи судијата Осман Шабани дури утринава бил информиран дека Миле Јанакиески и Кирил Божиновски се во притвор, обвинителката на СЈО – Лиле Стефанова, објасни зошто бил побаран притвор.
„Доцна синоќа Кривичниот совет ги уважи нашите барања да им одреди мерка притвор. Вчера добивме информација дека покрај Груевски, кој избега на очиглед на сите институции, на ист начин се спремале да избегаат и Јанакиески и Божиновски“, истакна Стефанова.
Таа најави дека притвор ќе бара и за други обвинети за кои ќе има сомнежи дека се подготвуваат за бегство.
Адвокатот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески – Еленко Миланов, пред рочиштето изјави дека сè уште не го подигнал решението за притвор.
Со голема доза на иронија, тој обвини дека притворот следел премногу очигледно и премногу брзо по најавата на „еден министер во дебатна емисија“ за тоа кои луѓе треба да бидат приведени, ако се земе во предвид дека „оваа власт нема влијание на судството“.