Синдикатот на професионалните војници ќе излезе на протести ако, како што рече синдикалниот претседател Александар Насковски, блокирањето и криминалот врз Синдикатот не се сопре во најкраток можен рок. За проблемот рече дека се обратиле до министерот Владо Мисајловски, од кого биле игнорирани откако стапил на функцијата, трипати до Владата, од каде што ја префрлиле надлежноста на Министерството за одбрана, но и до претседателката и врховна командантка на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, од каде што досега не добиле одговор
Независниот синдикат на професионални војници (НСПВ) поднесе кривична пријава против ексминистерката за одбрана Славјанка Петровска поради сомнение дека ја злоупотребила својата службена положба со тоа што го спречила синдикалното движење и неговото работење за подобрување на правата на припадниците на Армијата.
„Во периодoт од 1 декември 2023 до 28 мај 2024 година го сопре функционирањето на Синдикатот спротивно на Законот за работни односи, ја сопре уплатата на членарината спротивно на Колективниот договор на МО и го замрзна членството и со сето тоа го спречи синдикалното движење на Синдикатот“
изјави претседателот на Синдикатот, Александар Насковски.
Во која НАТО Армија, вели Насковски, синдикатот е блокиран, не се почитуваат одлуките на синдикалниот претседател и средствата се префрлаат на друга сметка и на друго лице.
Додаде дека Синдикатот на професионалните војници ќе излезе на протести пред Владата ако, како што рече, блокирањето и криминалот врз Синдикатот не се сопре во најкраток можен рок. За проблемот рече дека се обратиле до министерот Владо Мисајловски, од кого биле игнорирани откако стапил на функцијата, трипати до Владата, од каде што ја префрлиле надлежноста на Министерството за одбрана, но и до претседателката и врховна командантка на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, од каде што досега не добиле одговор.
„Овој криминал трае цели 11 месеци. Треба да има социјален дијалог, а не да се блокира и крадење на Синдикатот. Професионалните војници бараат решавање на нивниот статус, право на пензионирање по 45 година и трансформирање на работниот однос на неопределено време“,
изјави Насковски.
Обвини дека одредени структури во Министерството за одбрана многу одамна ги опструираат професионалните војници и Синдикатот секогаш кога, како што рече, војниците ќе си ги побараат своите права. Синдикалниот претседател изрази надеж дека министерот за одбрана нема да премолчи пред овие лица кои сè уште се во МО, а истите ја советувале и ексминистерката да направи вакви кривични дела.