Во последно време, Исланд е сé пожешка туристичка дестинација. На 332.000 жители, годишно има 1.8 милиони посетители. Од тие 1.8 милиони туристи, околу 700.000 ја посетуваат прочуената Сина лагуна, која е убедливо најголемата исландска атракција.
Туристите доаѓаат во Исланд главно заради неговата природа, пред сé водопадите, гејзерите и глечерите. Повеќето мислат дека и Сината лагуна е една од тие природни локации, дури ја викаат и „природни извори“, ама не е.
Исланд го викаат „Земјата на огнот и мразот“ поради високата геолошка активност (од што и произлегуваат големиот број гејзери, вулкани и полиња со лава). 25% од електричната енергија на земјата доаѓа од геотермална енергија.
За да експлоатира дел од оваа природна енергија, во 1974 година една локална енергетска компанија ја изгради геотермалната централа Svartsengí.
Термалниот базен, кој денес го знаеме како Сина лагуна и се смета за едно од светските природни чуда, е формиран токму од „отпадната“ вода од централата.
Уникатната вода е резултат на мешањето на свежата и морската вода, која се користи за да ги движи турбините кои генерираат електрична енергија за околните градови. Дури потоа се испушта во лагуната, каде што станува дел од една од денес најпознатите бањи во светот.
Сепак водата, со просечна температура од речиси 38°C, е природна. Привлечени од нејзината уникатна боја и големото присуство на минерали (кварц и сулфур), луѓето почнале да се бањаат и да ја користат кварцната кал, тврдејќи дека има лековита моќ и дека е добра за кожата. Во 1987 се изградени и првите бањски комплекси, меѓу кои и специјална клиника за псоријаза. Тогаш се лансирани и првите Blue Lagoon продукти за нега на кожа.