Симовски: Повеќе од половина од попишувачите се вакцинирани, а останатите имаат волја да се вакцинираат

„Од здравствен аспект пописот ќе биде безбеден како да влезете во продавница да купувате намирници“, истакна директорот на Државниот завод за статистика – Апостол Симовски, во интервју за „Сител“ телевизија.

Тој потенцира дека по домаќинствата нема да одат по триесет луѓе за да создаваат кластери, туку дека оди еден попишувач кој ќе ги почитува сите протоколи, ќе носи маска и средство за дезинфекција.

„Законски немаме право да ги лимитираме попишувачите со вакцинација. Сепак поставуваме такво прашање заради информација, а повеќе од половина од пријавените се вакцинирани, а останатите кои не се, имаат волја да се вакцинираат“, рече Симовски.

За оние кои не се, а сакаат да бидат вакцинирани, првиот човек на ДЗС повтори дека во соработка со здравствените власти ќе им обезбедат можност за вакцинација. Симовски притоа изрази и надеж дека новиот бран од пандемијата ќе биде пократок и полесен од последниот во март и април, кога првично беше закажан пописот.

- Реклама -