Силното невреме го поплави Драмски театар – уништен дел од ентериерот

За поплавата во Драмски театар вечерва информираше министерот за култура и туризам кој бил на увид на состојбата

ФОТО: Фејсбук-профил на Зоран Љутков

Уништен ентериер, поплавени ѕидови и подови, кофи кои ја собираат водата е сликата што вечерва може да се види во Драмскиот театар откако тој беше поплавен по силното невреме што зафати делови од Скопје.

За поплавата во Драмски театар вечерва информираше министерот за култура и туризам кој бил на увид на состојбата.

„Денес бев во Драмски театар на увид на штетите предизвикани од поплавите од дождот. Ако во 2017 година Владата на СДСМ го реализираше проектот за изградба на нов современ објект на Драмски, како што претходно се планираше, денеска немаше да бидеме сведоци на овој потоп“,

напиша Љутков на својот фејсбук-профил.

Според него, седумгодишната негрижа за Драмскиот театар не само што станала видлива, туку, како што вели, денеска дождот го онеспособи да биде храм на уметноста. На сцената, пишува Љутков, главната улога од денеска наместо актерите ја имаат кофите.

Љутков објави и кратко видео од кое може да се види каква е вечерва состојбата со Драмскиот театар.

- Реклама -