Сиљановска-Давкова од името на „мојата земја“ се обрати на Самитот за мир во Швајцарија

Претседателката имаше неколкуминутно обраќање, но во говорот ниту еднаш не го употреби името на државава (во ниту една форма), туку се одлучи за формулацијата „мојата земја“ што ја изговори еднаш. Додека се обраќаше на пленарната сесија, на истата маса седеше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

На денешната пленарна сесија од дводневната мировна конференција за Украина која се одржа во Швајцарија, меѓу претставниците на земјите учеснички кои се обратија беше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Најавена како претседателка на Северна Македонија, со табла пред неа повторно со уставното име Северна Македонија, Сиљановска-Давкова имаше неколкуминутно обраќање, но во говорот ниту еднаш не го употреби името на државава во ниту една форма, туку се одлучи за формулацијата „мојата земја“ што ја изговори еднаш.

„Фактот што денеска ја претставувам мојата земја на највисоко ниво е уште една потврда за нашата принципиелна позиција и поддршката за територијалниот интегритет на Украина“,

кажа Сиљановска-Давкова.

Ова е продолжение на практиката на претседателката да го одбегнува уставното име на државата. Таа досега користеше Македонија и се повикуваше на правото на слободата за изразување.

Од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова/ ФОТО: Принтскрин/The Independent

Интересно е да се напомене дека претседателката седна на иста маса со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој исто така имаше обраќање на денешната сесија на Самитот за мир посветен на Украина.

Кирјакос Мицотакис – премиер на Грција

Попладневно, таа на Фејсбук се пофали дека се запознала со него.

Говорот на Сиљановска-Давкова на англиски јазик може да го слушнете од 49:45 минута на видеото во продолжение.

Во говорот таа кажа дека војната во Украина не е украински, туку европски и светски проблем и дека сме ја поддржале Украине најдобро што сме можеле.

Претседателката оцени дека случувањата во Украина нè засегаат сите, дека земјата е изложена на огромно човечко страдање и уништување, дека безбедносната архитектура на Европа е под закана, а на глобално ниво животите на милиони луѓе се засегнати од тешки економски последици.

Сиљановска-Давкова порача и дека додека се развива рамката за иден мировен договор, ќе продолжи поддршката за слободна, независна, демократска и суверена Украина.

Во завршниот дел од своето обраќање Сиљановска-Давкова потсети на наслов од роман на писателот Ернест Хемингвеј.

„Се сеќавам на прашањето на Хемингвеј, за кого бијат камбаните? Мојот краток одговор е – за нас, не само како одговорни политичари, туку и како луѓе“,

кажа Сиљановска-Давкова.

Заменик-министерката за надворешни работи на Грција, Александра Пападопулу, прашана за аргументот на Сиљановска-Давкова и на мандатарот Христијан Мицкоски дека имаат право на слобода на изразување а со тоа и усно земјава да ја нарекуваат Македонија, пред неколку дена порача дека претседателот и премиерот не се обични граѓани туку дека ја претставуваат државата.

„Кога премиерот, претседателот или министерот за надворешни работи, или министерот за одбрана зборуваат во официјален капацитет, тие ја претставуваат државата, а државата има уставно име кое е утврдено и договорено со меѓународен договор заклучен во рамките на резолуции на Советот за безбедност на ОН. Дозволете ми уште еднаш да појаснам – ова име, уставното име на земјата е име за севкупна употреба (ерга омнес) договорено во согласност со меѓународното право и мора да се почитува. Тоа не е лично прашање“,

рече Пападопулу во интервју за „360 степени”.

- Реклама -