Сиљановска-Давкова и Мицкоски очекуваат Извештајот на ЕК за напредокот на земјата да биде сличен на минатогодишниот

Според неа, крајно време е земјата да почне преговори, низ призма на Копенхашките критериуми

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во Извештајот можно е да има одредени подобрувања во некои области

Не мислам дека сега од Европската комисија ќе добиеме многу поинаков Извештај од минатогодишниот, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во пресрет на примањето на копиите од Извештајот од евроамбасадорот Михалис Рокас.

Ваквиот став Сиљановска-Давкова го темели на тоа дека работите не може да се сменат преку ноќ.

„Не мислам дека ќе добиеме многу поинаков Извештај од минатогодишниот. Не. Мислам дека работите не се смениле преку ноќ. И јас затоа дури и кога се работи за малцинските права секогаш сум укажувала ајде да ги прочитаме 15-от, 16-от сега 17-от, ќе биде се надевам позитивен Извештај, се разбира дека ќе бидат воочени промени. Впрочем, не случајно дојде до промена на власта, меѓутоа дека нешто не знам, чудно, ќе се појави не верувам“,

вели претседателката Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарско прашање што очекува од новиот Извештај на ЕК за напредокот на земјата, што денеска се очекува да биде објавен.

Според неа, ако сме имале 16 позитивни извештаи, а не сме почнале пристапни преговори, тогаш во прашање се доведува и кредибилитетот на пишувачот на извештаите и оти тоа е нешто за што Советот на ЕУ треба да размисли.

„Но, напоменувам ако сте имале 16 позитивни извештаи, тогаш во прашање исто така е и кредибилитетот на пишувачот на извештаите. Ако имате 16 ’да’ од Парламентот и ако имате 16 ’да’ од Комисијата и 16 ’не’ од Советот, а сте имале ситуации на членки кога имало ’не’ од Парламентот и од Комисијата и ’да’ од Советот, тогаш мислам дека и Советот треба да размисли“,

рече таа.

Таа вели дека крајно време е земјата да почне преговори, низ призма на Копенхашките критериуми.

И премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата очекува да биде сличен како и претходниот, но оти можно е да има одредени подобрувања во некои области. 

Сепак тој рече дека свое мислење за извештајот ќе даде откако тој ќе биде објавен. 

„Од овој извештај, од тоа што можам да го добијам како неофицијална информација опфаќа период од 10 месеци од претходната влада и техничката влада, два месеци од оваа Влада и е нешто помал бидејќи е променет форматот за да биде прегледен за граѓаните и за јавноста. Очекувам да биде нешто слично како и минатиот извештај, можеби во некои области да има некакви подобрувања, но да го добиеме и официјално, па ќе го коментираме“,

рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање. 

Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска ќе ги предаде копиите од Извештајот за Северна Македонија за 2024 година на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на претседателот на Собранието Африм Гаши и на премиерот Христијан Мицкоски, информираат од Делегацијата на ЕУ во земјава. 

Копиите од Извештајот, Рокас, како што е најавено, утре ќе ѝ ги предаде и на претседателот на Врховниот суд Беса Адеми.

Во наредниот период пакетот ќе биде претставен и во Собранието на Северна Македонија, како и пред граѓански организации.

- Реклама -