Не дека во Сиднеј не виделе голем град и порано, но овој што вчера го погоди главниот град и други делови од брегот на Нов Јужен Велс, со својата чудна форма ги остави Австралијците сосема збунети.
„Ова е најчудниот град што сум го видел“, „Ова град ли е, или е метеорит?“, „Ова личи на цвеќе“, беа само дел од коментарите.
И навистина, некои од грутките биле како декорирани со текстури, други како да вриеле и одеднаш замрзнале, трети како прстени, четврти како цветови со деликатни форми и финеси.
Што е објаснувањето?
Навистина ли градот што паднал во Сиднеј бил различен од вообичаениот? На некој начин, да, велат метеоролозите. Поточно речено, невремето било чудно.
Обичниот град обично има доста еднолична форма – тркалезна и релативно мала. Овој во Синдеј е таков каков што е бидејќи и бурата била многу поголема.
Градот е всушност вода во тропосферата, најнискиот слој на атмосферата. Кога таму се формира обичниот град со големина на зрно грашок или нешто поголем, тој паѓа директно на земјата.
Но за да се формира поголема грутка град, како овој вчера во Австралија, значи дека грутката мора да била опфатена од воздухот што се крева и вратена во облакот.
„Откако почетниот град ќе се формира во бурата и ќе почне да паѓа, бива покриен со вода и потоа вшмукан назад во облакот, каде станува постуден и почнува да замрзнува“, објаснува метеорологот Том Сондерс од Sky News Weather каналот. „Некогаш може да има многу силно нагорно движење на воздухот, кој брзо се крева низ тропосферата (особено кога е топол и влажен, како во вчерашното невреме), до толку што може да ја издржи тежината на грутката мраз и ја спречува да падне на земјата. Како во вчерашната бура во Сиднеј, грутката мраз ќе оди нагоре и надоле неколку пати во неколку циклуси, некогаш и до три-четири пати, секогаш создавајќи нов слој на мраз. Додека тоа се случува, се формираат разни чудни форми“, објаснува тој.
Дополнително, бурата може да биде толку бесна, што индивидуалните грутки мраз се судруваат една со друга. Како последица од сударот некои се распарчуваат, а други се спојуваат заедно. Така дополнително се добиваат разни чудни форми што сé помалку личат на стандардната топчеста форма. Колку поголема е грутката, толку повеќе слоеви вода собрала, толку почудно било нејзиното патување, и толку почудна ќе биде и формата.
Сето ова звучи и е фасцинантно, но не и за државните и градските служби на Сиднеј и Австралија. Тие градот го оценија како „катастрофа“ која се случува еднаш во 20 години. Вкупната штета се проценува на најмалку 20 милиони долари. Оштетени се куп домови и автомобили, особено ветробрански стакла.
Yesterday crazy #HailStorm in Sydney pic.twitter.com/3CeeMJhIed
— Shan (@shanshanw) December 21, 2018
@10NewsFirst look how big this hail is pic.twitter.com/AxPGYFbvil
— cassie (@cassieturnbull7) December 20, 2018