Можеш да купиш самоуправувачка Tesla за 75.000 долари, а можеш и да си направиш свој автономен автомобил за 700 долари, ако си Бреван Јоргенсен.
Студентот од Универзитетот во Небраска-Омаха го направи баш тоа, со помош на „опен сорс“ софтвер и делови во вредност од 561 британски фунти (~700 долари). Резултатот – возило што му асистира во возењето.
Но целата работа не била без ризик. Јоргенсон всушност тестирал софтвер од прилично контроверзен стартап. Откако крена многу маркетингшка галама, стартапот Comma.ai од Сан Франциско не успеа да го оствари ветувањето дека ќе испорача софтвер/уред што секој автомобил ќе може да го претвори во автономен. Системот се покажа компатибилен само на два модела – Honda Civic и 2016 Acura ILX.
По неуспехот и по строгите контроли од Американската националната администрацијата за безбедност на патиштата (National Highway Traffic Safety Administration, а.к.а. NHTSA), осоновачот Џорџ Хоц го откажа целокупното лансирање на проектот, а набрзо и ги постави хардверските и софтверските дизајни онлајн, достапни за сите, бесплатно. Се разбира, така завршија и во рацете на Јоргенсен.
Но што фајде од истите, ако NHTSA ти виси на вратот? Јоргенсен мудро ја избегна. Имено, NHTSA регулира исклучиво продукти што се продаваат. Тие не регулираат open source софтвер, кој „има повеќе сличности со говорот, отколку со продажбата на продукти“, истакнува Хоц.
Неговата одлука да ги објави дизајните онлајн наведе многумина да се запрашаат околу нерегулираните автономни автомобили на патиштата. Во интервју за The Verge, Хоц смируваше дека софтверот не го прави автомобилот целосно автономен, туку дека е повеќе како „напреден асистент во возењето“.
Од друга страна, на Јоргенсен и неговата Honda Civic не им било многу гајле за контроверзите. Тој ги порачал деловите потребни да ја состави направата – наречена Neo, која се состои од OnePlus 3 смартфон со слободен софтвер. Ја искористил дури и технологијата на 3D принтање за да си испринта своја сопствена контролна табла, која ја монтирал во автомобилот.
Почнал да го тестира системот/автомобилот во јануари. Го тестирал сам, заради ризикот дека нешто може да тргне наопаку. Според неговите зборови, системот функционирал „феноменално“. Сите пријатели и роднини на Јоргенсен биле импресионирани, освен баба му и девојка му, кои многу многу не ѝ веруваат на технологијата.
Гореспоменатиот стартап Comma.ai не е единствениот кој нуди (софтверски) информации за самоуправувачки системи за возење на пазарот. Neodriven, уште еден стартап од Калифорнија, на пример, продава готови Neo уреди за околу 1.500 долари. Информации за автономни системи за возење ќе најдете и на Udacity.
Можеби најважното во целава ситуација со автономниот систем за 700 долари на Јоргенсен е што истакнува еден сериозен проблем – недостаток на легислатива. Притоа се наметнуваат низа прашања. Дали таа легислатива ќе може да ги опфати сите аспекти? Што ако се провлечат дупки, како во примерот со NHTSA? Што со ентузијастите што ќе успеат да создадат свои автономни системи за своите автомобили? Треба ли на таквите да им се дозволи да учествуваат во сообраќајот? Треба ли владите да ја регулираат таа технологија, и колку простор за варијација треба да остават?