Џени Мортон Хамфрис од Бристол успеала да си го врати украдениот точак со истата тактика како на крадецот – крадење.
Неколку часа откако ѝ го украле, побарала помош на локалната Фејсбук група на велосипедисти, во потрага по било каква информација. Набрзо ја исконтактирал еден од корисниците и ѝ соопштил дека го видел точакот на продажба. Ѝ ги кажал и деталите, и ја советувал да договори состанок со крадецот кој го продава.
Иако полицијата ја советувала Џени да не оди сама на договореното место, таа решила лично да се обиде да си го врати точакот пред некој да го купи (инаку требало да чека полициски процедури).
„Се преправав дека сум заинтересирана и поставував глупи прашања. Му реков дека седиштето е превисоко и го прашав дали може да седнам за да го тестирам. Се погрижив да не носам ништо освен кутија цигари и клучеви кои ги држев во рака. Го замолив да ми ги причува, го пушти точакот, а јас фатив да возам најбрзо што можев“, раскажува Џени.
По враќањето дома, забележала дека точакот ѝ е во уште подобра состојба отколку кога ѝ бил украден. Крадецот, очигледно, се обидел малку да го дотера, за да му извади подобра цена…