Си-ен-ен: Како Бајден ја донесе одлуката за повлекување од трката за претседател

Конечната одлука да ја напушти трката за претседател Бајден ја донел во последните 48 часа, односно за време на викендот, рекол висок советник во неговата кампања за Си-ен-ен, додека телефонски се консултирал со семејството и главните советници додека закрепнувал од дијгнозата на ковид во својот дом во Рехобот Бич во американската сојузна држава Делавер. Според извор запознаен со настаните, плановите за излез од претседателската трка започнале во саботата вечерта и биле финализирани наредниот ден, односно вчера

За одлуката на Бајден, според извори на Си-ен-ен, до денот на нејзиното објавување, не знаела ниту потпретседателката Камала Харис, новиот адут на демократите во изборната трка против Трамп

По неколку недели борба за неговиот политички живот, инсистирајќи на тоа дека не оди никаде по катастрофалниот дебатен настап против републиканскиот канидат за претседател на САД Доналд Трамп, актуелниот шеф на Белата куќа вчера објави дека се повлекува од кандидатурата за втор мандат, предавајќи ја палката за претседателската трка во рацете на актуелната потпреседателка Камала Харис.

Американскиот претседател Џо Бајден / Фото: EPA-EFE/YURI GRIPAS / POOL (Архива)

Катализаторот кој го покрена прашањето за повлекување на Бајден од претседателската трка беше неговиот лош настап на дебата со Трамп на Си-ен-ен на 27 јуни. Тоа ја покрена бурата од реакции и барања внатре во таборот на демократите, нивниот кандидат да се откаже од битката за втор мандат.

На крајот, притисокот врз Бајден од партиските лидери, пратениците и донаторите, како и анкетите кои го покажуваа опасниот и потенцијално непремостилив пат со кој се соочува во услови на растечки дефицит во однос на Трмп, се покажаа како преголеми.

Ова е дел од воведот во анализата на Си-ен-ен, во кој американската телевизија се осврнува на одлуката без преседан што Бајден ја соопшти вчера преку социјалните мрежи.

„Бајден не можеше да го издржи притисокот зад сцената и во јавноста. Тапата реалност стана хор од гласови кои го повикуваат претседателот да излезе од трката, како карпа што се тркала по планина која само зема замав со секој изминат ден“,

се вели во анализата.

Сè било решено за 48 часа

Повикувајќи се на високи претставници како извори, американската телевизија, меѓу другото, во дел од анализата се осврнува на прашањето како била донесена одлуката, за која до денот на нејзиното објавување, според изворите на Си-ен-ен не знаела ниту потпретседателката Камала Харис, новиот адут на демократите во изборната трка против Трамп.

Конечната одлука да ја напушти трката за претседател Бајден ја донел во последните 48 часа, односно за време на викендот, рекол висок советник во неговата кампања за Си-ен-ен, додека телефонски се консултирал со семејството и главните советници додека закрепнувал од дијагнозата на ковид во својот дом во Рехобот Бич во американската сојузна држава Делавер.

Според извор запознаен со настаните, плановите за излез од претседателската трка започнале во саботата вечерта и биле финализирани наредниот ден, односно вчера.

Изворот на кого се повикува телевизијата, рекол дека американскиот претседател ги проучувал податоците што доаѓаат и се уверил дека тие навестуваат товар за можноста од нов мандат во Белата куќа и дополнителни компликации во борбата за пораз на Трамп.

Одлуката на Бајден, според тврдењата на висок функционер на Белата куќа, не е поврзана со никакви медицински прашања.

Американскиот претседател во саботата, како што рекол друг извор запонаен со случувањата, имал состанок со неговите двајца најблиски соработници Мајк Донилон и Стив Рикети, но ниту еден од нив, според извор на Си-ен-ен, не го „турнал“ Бајден да ја донесе одлуката.

„За разлика од 2015 година, кога Бајден во својата книга „Вети ми, тато“ напиша дека Донилон му рекол на тогашниот потпретседател дека не треба да започне кандидатура за претседател во 2016 година, бидејќи жалел за смртта на неговиот син Бо, ниту еден помошник експлицитно не му рекол на Бајден дека треба да излезе од трката“,

пишува Си-ен-ен повикувајќи се на изворот.

Бајден, како што се наведува, пред крајот на состанокот со своите соработници јасно ставил до знаење дека планира да се повлече и побарал од неговите помошници да почнат да го подготвуваат драфтот на писмото што тој го објави во неделата, соопштувајќи ја својата одлука.

За одлуката не знаеле ниту дел од најблискикте соработници на Бајден

Инаку, Бајден, закрепнувајќи од ковидот кој му бил дијагностициран, цел викенд останал во својот дом во Рехобот Бич со неговата сопруга и прва дама на САД, Џил Бајден.

Во саботата тој одржал семеен состанок, како што секогаш правел пред секоја клучна одлука. Неговата ќерка Ешли и зетот Хауард во Рехобот, според извор, пристигнале порано во неделата.

Својата одлука Бајден ја потврдил во неделата наутро и со својот советник Стив Рикети крај него почнал да упатува повици до клучните играчи надвор од најтесниот круг на неговите соработници и членови на смејеството, рекол друг извор за телевизијата.

Според Си-ен-ен, Бајден за својата одлука се консултирал само со многу мал број блиски соработници. Дури и некои членови од неговиот близок круг биле „оставени во темнина“ и за одлуката дознале само неколку минути пред нејзиното објавување на социјалните мрежи.

Потпретседателката на САД, Камала Харис / Фото: EPA-EFE/ROD LAMKEY / POOL

Меѓу нив била и една од неговите најблиски советници за комуникација, Анита Дан.

Имено, повеќе извори за Си-ен-ен изјавиле дека Дан и мала група високи соработници станале свесни за одлуката на Бајден во минутите пред објавата.

Инаку, Дан и нејзиниот сопруг, Боб Бауер, беа меѓу подготвителниот тим за дебата на Бајден и се соочија со гневот на семејството на претседателот по настапот. Помошник на Бајден негирал дека нејзиното „исклучување“ е поврзано со дебатата, додавајќи дека освен неа и други високи соработници на Бајден не биле во неговиот дом во Рехобот Бич и дека „претседателот им кажал на своите помошници дека ниту тој ниту неговото семејство не ги обвинуваат за настапот на дебатата“.

Според извор запознаен со случувањата викендов, Бајден и потпрепрстедателката Камала Харис вчера пред неговото соопштување на одлуката разговарале во неколку наврати. Бајден, исто така, имал одделни разговори и со шефот на кабинетот Џеф Зиентс и ко-претседавачот на кампањата Џен О’Мали Дилон, информирајќи го секој од нив за одлуката.

Но, како што наведува Син-ен-ен, дури и потпретседателката Харис, која Бајден ја избра за негов насленик во трката за претседател, не дозна за неговата одлука се до денот кога таа беше соопштена.

- Реклама -