Шведскиот правобранител го прогласи шведскиот „само за жени“ фестивал за дискриминаторски

Фестивалот Statement, кој беше промовиран како најголемиот светски феминистички музички фестивал наменет исклучиво за жени, полово небинарни лица и трансродни жени, а на кој беше „забрането“ присуството на мажи, шведскиот правобранител го прогласи за виновен за полова дискриминација.

Фестивалот првпат беше одржан во Гетеборг во август, кога во успешната crowdfunding кампања беа собрани 52.5 илјади евра за разни каузи и борба за општествени права. Под истрага се најде во јули, уште пред да биде одржан.

„Иако организаторите не го спроведуваа правилото ‘без мажи’ во пракса, со оглед дека не правеле разлика помеѓу полот на гостите при влезот на фестивалот, изјавите кои биле давани пред почетокот обесхрабриле одредена група луѓе да присуствува на настанот, со тоа прекршувајќи го законот кој забранува полова дискриминација“, образложува шведскиот правобранител.

Сепак, со оглед дека никој не претрпел штета поради ограничувањето за мажи наметнато од фестивалот, нема да има никакви казни.

Патем, една од најголемите причини за воведување на фестивал „само за жени“ е порастот на случаи со сексуални злоставувања и силувања на музичките фестивали во Шведска во последниве години.

„Секако, веруваме дека сексуалното злоставување, особено на фестивалите, е сериозен проблем. Затоа нé радуваат обидите тоа да се поправи. Меѓутоа, тоа не би смеело да се прави така што ќе се крши законот, а со нивните изјави во медиумите, како и на нивната веб страна, токму тоа го направиле“, стои во образложението на одлуката.

Организаторите на фестивалот не ја коментираа одлуката. „Немаме коментар. Зафатени сме со менување на светот“ порачаа на својата Фејсбук страна.

Фестивалот Statement „без мажи“ почна од предлог на шведската комичарка Emma Knyckare како одговор, како што рековме, на порастот на силувањата и сексуалните напади кои се случија на најголемите музички фестивали во земјата – „Bråvalla“ и „Putte i Parken“.

Bråvalla беше замоткан во контроверзи уште од 2013-та година. Потоа во 2016-та беа пријавени 5 силувања и 12 сексуални напади. Во 2017-та, во текот на четиридневното траење, биле пријавени 23 сексуални напади и 4 силувања. Поради тоа овогодишното издание беше откажано и потоа заменето со Statement Festival без мажи.

- Реклама -