Шведска зазема значително поинаков став од остатокот од Европа и светот во борбата против вирусот САРС-ков-2 која ја предизвикува болеста ковид-19. И понатаму живеат колку толку нормален живот, а иако здравствените власти сметаат дека ќе има голем број смртни случаи, уверени се дека поголема штета за општеството би било воведувањето тотален карантин.
До денес во Шведска се забележани 9.141 случај на коронавирусот, а умреа 793 лица.
„Во моментов никој во светот нема точни насоки како да се бори против оваа болест. Шведската стратегија не значи дека вирусот е слаб и дека го потценуваме, напротив – свесни сме за ситуацијата, но нема докази дека строгиот карантин би бил подобар од овој наш модел. Дури по шест месеци ќе можеме да повлечеме линија и да кажеме кој пристап бил подобар“, вели за Слободна Далмација шведскиот невролог и анестезиолог Клаес Хутлинг.
Тој вели дека менталитетот на Швеѓаните е поинаков од луѓето од југот и дека Швеѓаните, кога ќе им се каже дека нешто не смеат, се однесуваат во согласност со тоа без строги забрани.
„Не можете да ја уништите целата економија, да ги затворите сите куќи, а не сте сигурни како таа мерка навистина ќе влијае врз епидемијата. Мерката на целосна блокада, сигурно, ќе ја уништи економијата и животите на граѓаните и ќе нѐ погоди полошо од вирусот. Тоталниот карантин, како во некои земји, делува, но по која цена и до кога треба да се одржува таквата тактика?
Нашата стратегија е максимално намалување на контактите, особено на старите луѓе и тие со хронични болести. Сите лица кои се заразени и сите нивни контакти се ловат, системот е така поставен за навистина да се изолираат семејствата и пријателите на заразените, а не целата држава. Тоа засега делува бидејќи Швеѓаните не сакаат, ако се во изолација, да излегуваат надвор и да ги загрозуваат другите“, вели лекарот.
Тој додава дека моделот што го применува Шведска можеби не би делувал во други земји.
„Хаосот е неизбежен ако изберете претседател како (американскиот Доналд) Трамп. Не знам што очекуваа Американците дека ќе добијат со него во оваа криза. Шири полуинформации, теории на заговор, тоа не е човек кој може да води толку голема и важна земја во екот на оваа криза. Наместо Американците да предводат во борбата против коронавирусот, тие заостануваат, не се снаоѓаат, и не стануваат дел од решението, туку од проблемот. Оваа криза навистина ќе го ресетира општеството и се надевам дека сите ќе извлечат поука од ова“, заклучува Хутлинг.
MKD.MK