Шведска тинејџерка во конкуренција со Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир

16-годишната Швеѓанка Грета Тунберг се најде меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. Како што пренесува порталот „Факултети“, неа ја номинирал норвешкиот социјалист и пратеник Фреди Андре Овстегард. Има зошто.

Тунберг има 16 години и боледува од Аспергеров синдром. И покрај тоа, таа е една од најжестоките поборници, а со оглед на возраста веројатно и најжестокиот, за борба против климатските промени.

Во секој случај, таа моментално е најпознатиот и најинспиративниот активист за глобални промени во насока на зачувување на животната средина и подобра иднина за следните генерации. Во име на таа цел, Грета во август почна самостојно да протестира и редовно да ја прозива шведската влада, што пак ѝ донесе популарност и ѝ овозможи подоцна да се најде и меѓу говорниците на конференцијата за климатски промени – COP24 во Катовице, Полска, но и на јануарскиот економски форум во Давос.

Во меѓувреме, Тунберг стана инспирација за протести на учениците од повеќе земји, а потоа и за учениците од целиот свет. Па така, за утре е најавен протест во 1.659 градови во вкупно 105 земји, на кои стотици и илјадници ученици и млади луѓе ќе побараат конкретни акции за спречување/ублажување на климатските промени.

Ученичките протести наидоа и на одредени критики, но и на голема поддршка меѓу политичарите. Меѓу овие вторите е и германската канцеларка Ангела Меркел. Протестите се поддржани и од градоначалниците на Париз, Милано, Сиднеј, Филаделфија, Портланд, Осло, Барселона, и Монтреал.

Пратеникот Овстегард, кој ја номинираше Тунберг, објасни зошто климатските промени се тесно поврзани со светскиот мир:

„Ја предложив Грета Тунберг затоа што ако не направиме ништо за да ги запреме климатските промени, тие ќе бидат причина за војни, конфликти и бегалци. Грета започна масовно движење што јас го гледам како голем придонес за мир“.

Тунберг, од своја страна, е благодарна за номинацијата и ветува дека ќе ја продолжи борбата. За тоа дали и колку е сериозна, можеби одлична индикација се острите говори во кои критикува „сè по список“. Во Катовице им порача на светските лидери, но и богаташите, дека „промените доаѓаат, сакале вие или не“. Во Давос им порача дека „куќата ни гори“ и дека не ја сака надежта за која политичарите милуваат да речат дека им ја должат на младите. „Сакам да паничите, и сакам акција“, порача Грета.

Повеќе детали за номинацијата читајте на „Факултети“, а ние ве оставаме со импресивните говори на младата Швеѓанка (превод на овој првиов, во Катовице, можете да најдете ТУКА):

 

- Реклама -