Шведска била првата европска земја која вовела банкноти во 1661 година но сега се обидува да се ослободи од нив. „Не можам да сфатам зошто сè уште треба да печатиме банкноти“ рекол Бјорн Улваеус, поранешен член на ABBA и гласноговорник за свет без банкноти.
Обликот на ваквото општество веќе се оформува во оваа високо технолошка нација, факт што ги фрустрира луѓето кои преферираат монети и банкноти пред дигитални кредити. Во повеќето шведски градови јавниот транспорт не прифаќа пари; билетите се купуваат однапред или со СМС порака. Бројот на бизниси кои работат само со картички е мал но постојано расте а некои банки – кои функционираат со електронски транзакции – престанале да чуваат физички пари.
„Во некои градови воопшто не е возможно да се влезе во банка и да се користат банкноти и монети“ се жали Курт Персон, претседател на Шведската Национална Организација на Пензионери. Тој додава дека ова е проблем за постари лица кои немаат кредитни картички. Падот на банкнотите е забележителен дури и во храмовите, како на пример Црквата Карл Густав во Карлсхам во јужниот дел од Шведска каде викарот Јохан Тирберг неодамна инсталирал читач на картички за да им олесни на верниците да донираат.
„Луѓето ми пријдоа неколку пати и рекоа дека немаат пари во нив но сепак сакаат да донираат“ вели тој. Банкнотите и монетите претставуваат само 3 проценти од шведската економија, споредено со просечните 9 проценти во еврозоната и 7 проценти во САД. Три проценти е сè уште премногу за некои луѓе, како Улваеус. Безготовинско општество можеби изгледа како чудна кауза за некој кој се збогатил со “Money, Money, Money”, но според Уваеус се работи за безбедност.
Откако неговиот син бил ограбен по трет пат тој започнал да апелира за побрз премин кон целосно дигитална економија бидејќи тој мисли дека тоа ќе им ги отежни работите на крадците: „Ако нема готовина, што ќе прават?“ Шведската Асоцијација на Банкари вели дека намалувањето на прометот на банкноти веќе има влијание врз криминалната статистика. Бројот на грабежи на банки во Шведска паднал од 110 во 2008 на 16 во 2011 – најниско ниво откако асоцијацијата започнала да води евиденција пред 30 години.
„Ако има помалку пари во циркулација работите стануваат побезбедни, и за персоналот кој работи со пари и за јавноста“ вели Пар Карлсон, експерт за безбедност во организацијата. Застапеноста на електронски транзакции – и дигиталната трага која тие ја оставаат – исто така објаснува зошто Шведска има помалку проблеми со мито од земјите кои имаат силна кеш култура, како Италија и Грција. Фридрих Шнајдер од Јохан Кеплер Универзитетот во Австрија вели: „Ако луѓето користат повеќе картички тие помалку се впуштаат во активности на сива економија.“
Во италија – каде готовината е чест начин за избегнување на ДДВ и криење на профит од даночните управи – премиерот Марио Монти во декември предложил да се постави лимит на кеш транзакции на максимум 1000 евра. Но од друга страна постои и голем ризик од сајберкриминал. Според Шведскиот Национален Совет за Превенција на Криминал бројот на случаи на компјутеризирана измама порасна до речиси 20.000 во 2011 од 3304 во 2000. Оскар Шварц, основач на првиот шведски интернет провајдер Banhof вели дека дигиталната економија исто така ја нарушува приватноста поради електронската трага на транзакциите.
Тој ја подржува идејата за исфрлање на физичките пари, но вели дека мора да бидат воведени алтернативни методи за анонимно плаќање: „Луѓето бе морале да можат да испраќаат и донираат пари на различни организации без нивната активност да биде следена.“ [In Sweden cash is king no more]