Зачестеноста на ракот на кожата кај младите во Шведска по една деценија раст, за првпат опадна, но истражувањата покажуваат и дека оваа скандинавска земја е прва во Европа која забележа таков напредок.
Ризикот од рак на кожата се намалува кај луѓето помлади од 50 години, вели Хилдур Хелгадотир, вонредна професорка по онкологија на Институтот Каролинска и главен автор на студијата објавена во медицинското списание JAMA Dermatology.
„Тој пад веројатно во голема мера може да се припише на зголемената свест за потребата да се заштити кожата од сонце и пореткото користење на солариуми“, рече таа, додавајќи дека „некаде во 2015 година имаше јасен и значаен пресврт на трендот“.
„Пред 2015 година имаше просечен пораст на ракот на кожата од 5 проценти годишно кај луѓето во триесеттите години, но од 2015 година тој се намали во просек за пет проценти годишно“, истакна Хелгадотир.
Според неа, една од причините е и фактот што младите денес поминуваат повеќе време во затворени простории со мобилни телефони и компјутери, поради што помалку се изложени на сонце.
Намалувањето на смртноста кај помладите лица се припишува и на намалувањето на инциденцата на рак на кожата и на воведувањето нови антиканцерогени лекови кои ја подобрија прогнозата на болеста. „Кај постарите лица смртноста не се намалува бидејќи зачестеноста на болеста се уште е многу висока, рече професорката Хелгадотир.