Швајцарија – земја на кокаинот?

Швајцарските финансиски центри, кои често се избегнувани од британските хеџ-фонд менаџери поради недостатокот на културен и ноќен живот, жестоко се тркаат со Лондон во една не баш престижна листа – во употребата на кокаин.

Според истражувањето спроведено во 60 европски градови, Цирих и Женева се рангирани на второто и петтото место според количината на остатоци од кокаин најдени во отпадните води во 2017 година.

Заедно со фармацевтскиот центар Базел, универзитетскиот град Санкт Гален, и главниот град Берн, Швајцарија има 5 од 10-те градови на чело на листата на Европскиот центар за следење на дрога и зависности. (Лондон, кој во 2016 година беше втор на листата, не учествуваше во минатогодишното истражување поради недостаток на ресурси за спроведување на истото).

Научниците од цела Европа ги испитуваат примероците од отпадните води доставени од пречистителните станици, и трагаат по бензоилекгонин – супстанцата што се лачи кога луѓето го метаболизираат кокаинот.

Подемот на швајцарските градови во оваа негативна оценка се должи делумно и на „помошта“  од страна на научниците во земјата, вели Жоао Матијас – научен аналитичар во Европскиот центар за следење на дрога и зависности во Лисабон. Меѓутоа, високиот приход по глава на жител во земјата, исто така, може да игра улога.

Првото место на листата е резервирано за Барселона, потоа следат Цирих и Антверпен, зад нив се Санкт Гален и Женева, а потоа и Бристол и Амстердам. Во првите 10 влегува и Дортмунд.

 

- Реклама -