Министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за дијаспора и претседател на работната група за поддршка на преспанскиот регион, Едмонд Адеми денес го претставија проектот ЕУ за Преспа, финансиран од ЕУ, како и Преспа форумот за дијалог.
Димитров нагласи дека Преспанскиот договор беше поздравен од меѓународната заедница и со него се случило тоа што се чинело невозможно цели три децении – премостување на разликите меѓу двата соседи, а притоа со потврдување на клучните идентитетски одредници, вклучително и на нашиот македонски јазик. Во таа насока, објасни Димитров, е и основањето на Преспа форумот:
„Иницијативата на новата Влада да донесе формална одлука за основање на Преспа форумот за дијалог, кој би претставувал своевиден меѓународен форум за дијалог, соработка и решавање на меѓународни спорови кои низ призмата на историскиот успех на Преспанскиот договор би послужил како инспирација за идните генерации при надминување на разликите и отворените прашања”.
Министерот Адеми, пак, ја претставувави иницијативата за проектот ЕУ за Преспа. Вкупната сума на проектот е 18 милиони евра и средствата ќе бидат обезбедени од IPA III фондовите за 2021 година:
„Целта на проектот е да му понуди на регионот долгорочна и одржлива економска перспектива, а со тоа и задржување на младите во самиот регион. На терен, со одредени свои димензии, тој поставува ЕУ стандарди за градење и функционирање на истите”, додаде Адеми.
Тој исто така го претстави Преспа форумот за дијалог, кој, како што рече, е резултат на подобрениот меѓународен имиџ на државата со потпишаниот Преспански договор и одблокираниот евро-атлантски процес:
„Планот ни е, традиционално, секој 17 јуни, кога е потпишан е Преспанскиот договор, да организираме меѓународен форум за дијалог и соработка, на кој би поканиле што поголем број на светски и регионални државници и јавни личности. За тоа, следните месеци, по изборите, ќе ги дефинираме деталите, согласно претходната формална одлука на Владата”, рече Адеми.
Според него, ако Словенија е позната по Бледскиот стратешки форум, Хрватска по Дубровник форумот, Германија со Минхенската безбедносна конференција, а Швајцарија по Светскиот економски форум во Давос, Северна Македонија би била позната по Преспа форумот за дијалог.
Планирано е Преспа форумот за дијалог да биде сместен во мултимедијален центар кој ќе биде изграден како дел од проектот ЕУ за Преспа. Визуелниот изглед на центарот беше претставен од архитектот Ивана Белчева.