Авионските несреќи се трауматични, насилни и ги доминираат вестите од моментот кога некој авион ќе се изгуби од радарот. Па така, не е изненадување што на Википедија има речиси 1500 статии кои документираат катастрофални авионски уривања.
Но овие статии на Википедија воедно се и доказ за колективната меморија на општеството, бидејќи предизвикуваат лавина од поврзани сеаќавања, тврди истражувањето објавено во Science Advances.
„По прв пат во историјата на човештвото, можеме да ја квантифицираме, измериме и математички да ја моделираме нашата колективна меморија“, вели Таха Јасери – главниот автор.
Авионските несреќи и Википедија се совршената комбинација од фактори за проучување на колективната меморија. Кога авион ќе се урне, луѓето пребаруваат за него онлајн – но истовремено, волуменот на пребарувања за други авионски несреќи од минатото е уште поголем.
И додека индивидуалната меморија се проучува цело време, истражувањата на колективната меморија се ретки; историски, немаше така опиплив начин како сега за да се соберат податоците. Но низ последната декада, онлајн активноста стана неизбежен дел од нашите животи. Онлајн архивите како Википедија се толку плодни и активни, што истражувачите можат да ги користат за систематски да го анализираат нашето однесување и нашата општествена меморија.
Јасери и колегите го проучувале феноменот преку трагедијата од пред две години на летот 9525 на германскиот Germanwings, кога пилотот го урна авионот во планина, со себе земајќи 149 животи. Тимот ги разгледувал page-статистиките за други авионски несреќи и теми поврзани со нив. Тоа што идентификувале е дека луѓето не само што пребаруваат за несреќата откако ќе биде објавена на вестите, туку навигираат од една авионска несреќа до друга.
Истражувачите го моделирале текот на пребарувањето како пат кој почнува со „source/изворни“ статии – несреќа што е или до скоро била актуелна, а завршува до „таргет“ статии – од несреќи што се случиле во минатото. На нивно изненадување, откриле дека „таргет“ статиите добиваат 142% повеќе page views (прегледи), отколку source статиите. На пример, авионот на Germanwings се урна во март 2015-та, а сепак во истиот момент пораснаа пребарувањата за неповрзана авионска несреќа од ноември 2001 – иако во ниту една од набљудуваните source статии немало наведено директен линк до таргет статијата.
Факторите како големината и датата влијаат на тоа како се движи лавината на пребарување, но локацијата или авионската компанија – не.
Авионските несреќи се особено погодни за фокусот на ваквите истражувања, бидејќи иако стравот што го предизвикуваат е далеку над соодветен во однос на реалните шанси да ви се случат (статистички, авионскиот сообраќај останува еден од најбезбедните начини на патување), голем број од нив се достапни за пребарување, а природниот интерес на човекот кон морбидното е секогаш присутен и константен.
Јасери вели дека една од главните критики против друштвените мрежи и онлајн технологиите е дека го стеснуваат „рокот на траење“ на нашиот фокус т.е. attention span, до точка на запрепастувачки краток. Но, истакнува тој, во исто време ни овозможуваат да се вратиме наназад во времето и да се едуцираме на теми кои инаку можеби би ги заборавиле.
Истражувачите на чело со Јасери заклучуваат дека онлајн пребарувањата за актуелна авионска несреќа обично спласнуваат по околу една недела. А колективната меморија – барем според пребарувањата на Википедија – трае околу 45 години.
„Нашата кратка меморија стана пократка, но нашата долга меморија стана подолга. Тоа не е контрадикција. Тоа е само новиот механизам со кој денес ги помниме нештата и пред сé – настаните“.