„Оставката како личен чин на министерот, најчесто поднесена од морални причини, во суштина се испраќа до претседателот на Собранието, а премиерот се известува дека тој министер поднел оставка. Најчесто во Собранието само се констатира поднесената оставка и не се води расправа за истата“ – ова е ставот на професорот по Уставно право – Саво Климовски, за „Сител“ телевизија, откако ВМРО-ДПМНЕ се закани дека до Собранието ќе поднесе предлог за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче.
Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје, пак, смета дека нема што министер да му поднесува оставка на спикерот Талат Џафери.
„Оставка се поднесува до мандаторот кој вас ве предложил. Нема што министерот да му поднесува оставка на спикерот Талат Џафери. Заев е мандатар, тој форимирал влада, а Филипче е тим од владата. Ако ја прифати премиерот оставката, на негово место ќе предложи друг за кој потоа ќе се изјасни Собранието. Собранието само гласа тоа што ќе му предложи мандаторот“, изјави тој за „НОВА“.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ може да поднесе барање за разрешување на министерот, но мора убаво да ги образложат причините по кои Собранието ќе расправа и сето тоа пак ќе се сведе на интерпелација.
„Ваквите изведби на ВМРО-ДПМНЕ се игри за ситни политички поени. Правилата се јасни“, заклучува тој.
Денеска и претседателот на Собранието – Талат Џафери, рече дека нема да прифати предлог од ВМРО-ДПМНЕ за разрешување на Филипче, бидејќи таква можност немало.