Што толку запнале државите да им даваат бесплатни пари на граѓаните?

freemoney

Ако луѓето знаат дека ќе имаат доволно пари за основните потреби, дали повеќе ќе придонесуваат за општеството? Тоа е едно од прашањата што Канада, како и некои други земји и градови, ќе проба да го одговори преку новата пилот програма, според која ќе им се даваат пари на граѓаните, без никакви обврски – значи, гага пари.

Канадската провинција Онтарио секој месец по малку ќе им плаќа на луѓето за да ги покријат основните трошоци. Овој тип на социјална обезбеденост го нарекуваат „basic income“ (основен приход) и е идеја што добива сé повеќе популарност во прогресивните и во либертаријанските економски кругови (макар во различни форми), како начин да се издржуваат сиромашните, но и да се зголеми економскиот раст.

Експериментот е испланиран во буџетот на Онтарио за 2017-2018. Нема конкретни бројки за тоа колку луѓе и по колку пари ќе добиваат, но судејќи според исто така поновите примери од Финска и Холандија, ќе се движи некаде околу 900 долари месечно. Во планот исто така се вклучени платени универзитетски и средношколски партиципации за студентите со мали приходи.

Во суштина, основниот приход е токму висок колку за скромно живеење ако тој што го прима не може или не сака да работи, и доволно низок за повеќето луѓе и понатаму да изберат да работат. За разлика од другите бенефити за кои обично е потребна потврда дека лицето работи, основниот приход нема никакви ограничувања – го добива секој.

Теоретски, основниот приход ќе им послужи на луѓето како „воздушно перниче“ кое ќе им го овозможи потребното време да ја најдат идеалната работа за нив, а ќе ги охрабри и нештата како образованието и претприемништвото. Истовремено, од голема корист е за болните, повредените, лицата со инвалидитет или оние на кои им е потребно повеќе време на грижа околу децата или постарите. Во основа, се работи за најосновната форма на редистрибуција на богатството.

„Сиромашните не се неспособни, тие се неслободни да ги користат ресурсите на Земјата и да ги остварат сопствените потреби. Ние можеме да ја вратиме таа слобода без голема промена во системот, само со соодветно оданочување на поседувањето на имот за да се компензира за безимотноста, во форма на основен приход“, вели Карл Вајдерквист – експерт на темата и професор по филозофија на политиката [само да ве потсетиме: политиката (треба да е) е наука за добар живот], за HuffPost.

Еден од единствените вистински тестови на основниот приход се случи во 1970 година, во канадскиот град Дофин во Манитоба, кога за малку беше искоренета сиромаштијата во периодот од 1874 до 1979 година. Тогаш програмата се викаше mincome (минимален приход), а во периодот додека беше активна, индивидуалците добиваа максимум околу 15.000 (американски) долари годишно, додека семејствата – 18.000 долари. Тие суми се намалуваа со секој заработен долар на индивидуалецот или семејството: секој заработен долар ги чинеше намалување од половина долар од основната сума – што значи дека луѓето повторно беа мотивирани да работат и заработуваат дополнителни суми. Програмата функционираше како што треба, но по смената во 1979 година, новата влада се погрижи да ја направи непопуларна и да ја укине.

Но, ете, ситуацијата повторно се смени, па Онтарио ќе ја тестира идејата во модерни времиња. Во еден параграф од буџетот за 2016 стои:

„Една од областите на истражување што ќе го поплочи патот кон темелна реформа ќе биде проценката на пилот-програмата Основен Приход. Пилот-проектот ќе го тестира растечкото мислење (дома и во странство) дека основниот приход може да… обезбеди поефикасен начин на доставување на паричната издршка, да ги зајакне врските со работната сила и да овозможи заштеди во други полиња, како здравственото осигурување и обезбедување на живеалиште. Владата ќе работи со заедниците, истражувачите и други засегнати во 2016, за да одреди како најдобро да го имплементира Основниот Приход“.

Како што е наведено во параграфот, идејата зема сé повеќе замав и во другите земји. Финска најави основен приход пред неколку месеци, откако преживеа уште една година на бавен економски раст. Планира на мала тест-група граѓани да им дава по 800 евра (~880 долари) месечно. Финска го следи примерот на холандскиот град Утрехт, кој исто така годинава спроведува студија на основниот приход. Уште неколку други холандски градови се планирани да почнат со експериментот. Основната сума во Холандија се движи околу 890 евра (~1000 долари). Идејата се шири и во САД. Y Combinator, позната компанија за помош на старт-апи, неодамна најави дека ќе фундира базичен експеримент со основен приход, со цел да одговори на прашањето дали луѓето без страв дека нема да имаат што да јадат – се попродуктивни, дали постигнуваат повеќе и дали повеќе придонесуваат за општеството.

Никој не се осмелува да рече дека смета дека идејата на давање на бесплатни пари е добар потег. Но, очигледно, има сериозни аргументи за такво нешто, за што најдобро говори волјата на овие држави да потрошат време, труд и пари на тестирање на таквата идеја.

- Реклама -