Ви текнува на кодот на Матрикс, оној зелениот што паѓа на екранот како дигитален дожд? Нормално дека ви текнува; не само што The Matrix нема да е Матрикс без него, туку низ годините стана визуелен синоним за симулација.
Уште откако излезе филмот во 1999 година (ццц, остаревме), мистеријата почна да се обвива околу кодот како пајакова мрежа. Скептиците, кои по правило се најмалубројни, сметаа дека се работи за обичен украс, и дека нема никакво значење. Други се сомневаа дека зад кодот се крие некаква голема тајна – некој дополнителен детал за Матрицата кој не е спомнат во филмската трилогија. Трети, тие со најбујна фантазија, беа убедени дека зад кодот се крие некаква универзумска вистина, вметната таму од креаторите на универзумов за да ни кажат дека всушност ние сме тие кои се во Матрицата (што само по себе може и да е вистина).
Ништо од тоа. На претставувањето на филмот „The LEGO Ninjago Movie“, на кој исто така работи, Сајмон Вајтли – креаторот на кодот на Матрикс, реши да ја открие големата тајна. Рецепти за суши. Да, тоа претставува кодот – компилација од рецепти за суши, инспирирана од неговата сопруга, која е од Јапонија. Како што вели Вајтли, ги скенирал карактерите директно од нејзините готвари.
Па, ете. Дури и да живееме во симулација, доказот ќе мора да го бараме некаде на друго место (можеби тука?), зашто во Матрикс нема да го најдеме.
Хмм… А којзнае, можеби само така сакаат да мислиме??
Кодот, целата секвенца: