Видеово содржи многу посебна инспиративна приказна. Се работи за јазовец кој пронајде мртва крава во пустина во Јута. Него таму го поставија истражувачите од Универзитетот во Јута, кои сакаа да го набљудуваат неговото однесување, но тој тоа не го знаеше. Кравата во оваа приказна е всушност теле тешко најмногу 23 кила, ама на јазовецот ни за тоа не му беше гајле. Јазовците се едноставни суштества. За разлика од мене и тебе, тие секогаш точно знаат што сакаат. Во очите на јазовецот, мртвото теле беше куп месо.
Е сега, јазовците јадат речиси сé. Во пустината јадат млади глодари, а некогаш дури прават и складишта за храна, така што ја закопуваат во дупки во земјата. Ама мртва крава? Никој досега не видел такво нешто.
Значи: размислете за јазовецот. Одеднаш е соочен со огромна количина среќа која некогаш може да значи и товар. Бог, или во овој случај истражувачите, своите благослови не ги завиткуваат во украсна хартија. Ни даваат препреки кои мораме да ги совладаме и задачи кои мораме да ги решиме за да докажеме кои сме. Оваа крава претставуваше 20+ кила „пеЧЕње“ среде пустина. Јазовецот сакаше да ја изеде. Но истовремено беше свесен околу складирањето и сочувување на резервата. Сакаше да заштеди. Па реши да ја погреба кравата.
Како што соопштија истражувачите, му требале пет дена. Пет дена ја копал дупката без престан. Пет дена и пет ноќи огромен стрес, само за месото да се стави во зимница. Јазовецот толку се изморил, што наредните две недели ги помина одмарајќи во близина на своето складиште. Ако јазовците воопшто се способни да чувствуваат болка, сигурно многу го болело.
Но, доколку се способни да почувствуваат радост, сигурни сме дека и тоа го чувствувал. Животот на јазовецот му постави предизвик, тој го прифати, и на крајот заслужи награда. Тоа е исплатата која ќе ја заработиш: сочувано сочно месо од крава која те чека во студениот мрак да ја вкусиш кога и да ти се присака.
Само малкумина од нас се раѓаат знаејќи што точно сакаат. Патиме, се бориме, се движиме по врели пустини. Некои луѓе напорно работат, а никогаш не го добиваат тоа што го сакаат, зашто животот не е секогаш фер. Ако навечер одите на спиење неисполнети и незадоволни, депримирани од суровоста на животот, сетете се на овој јазовец. Надевајте се и молете се да го добиете истото што и тој – шанса нешто големо да заработите, а не нешто да добиете.