Честа пракса е владите да им даваат пари на сиромашните. Но зошто пари, а не сервиси, услуги или конкретни добра? Па, краткиот одговор е дека владите од своето искуство се уверени дека давањето на кеш е едноставно полесно, поефикасно и поефективно. Во некои случаи, обврзан си овие пари да ги потрошиш на нешто што владата го смета за добро, како тоа да ги пратиш децата во школо. Во други, владата остава на тебе да решиш како најдобро ќе ги потрошиш.
Како и да е, со декади наназад, многу од законодавците ама и побогатите луѓе, оспоруваат дека давањето пари е најдобрата форма. Тие се загрижени дека сиромашните ќе ја прокоцкаат секоја парична помош, поконкретно дека ќе ги потрошат добиените пари на цигари или алкохол. Едно истражување околу ставот на акционерите во Кенија околу таквите програми, на пример, покажува дека меѓу нив постои општоприфатено мислење дека евентуални трансфери на кеш би резултирале со „зголемена консумација на алкохол или други несуштински форми на консумација“.
Ама, во пракса се покажува дека вистината е обратната. Зборуваме за неодамнешното истражување на Дејвид Еванс (од Светска банка) и Ана Попова (од универзитетот Стенфорд), пренесено од Quartz (оригиналниот извештај можете да го прочитате само ако платите).
Нивното истражување е базирано на анализа на 19 студии кои го проценуваат импактот на паричните трансфери (т.е. помош) врз потрошувачката на тутун и алкохол. Ниту една од студиите не успева да заклучи дека постои зголемување во консумацијата на овие „несуштински форми на консумација“, како што ги нарековме погоре. Напротив, неколку од студиите покажуваат дека се случува намалување.
Истражувачите исто така направиле и мета анализа на студиите (статистичка техника на комбинирање на резултатите од различни студии). Резултатите покажуваат, пак, дека паричната помош води кон благо намалување во консумацијата на цигари и алкохол.
Делува контраинтуитивно, нели?
Па тогаш, која е причината?
Еванс и Попова наведуваат неколку можни причини.
Прво, дека паричната помош може да ја промени целата економска калкулација во едно семејство. Пред добивањето на парите, секое трошење на образование или здравје може да се чини бесцелно, па тогаш постоечките пари повеќе одат на моментална утеха (како цигарите и алкохолот). По паричната помош, меѓутоа, родителите можат да решат дека најдобриот потег е сериозна инвестиција во образованието на нивните деца. Бидејќи паричната помош ретко е доволно голема за директно и самата да го овозможи тоа, родителите решаваат да го заштедат потребниот остаток преку намалување на трошоците на цигари и алкохол.
Втората можна причина е тоа што економистите го нарекуваат „The Flypaper Effect“. Бихејвиоралната економија покажува дека кога парите се даваат со специфична намена, луѓето и организациите имаат тенденција да ги трошат баш за таа намена, дури и кога не се приморани. Поголемиот дел од паричната помош се дава баш така, со препорака да се искористи за подобрување на благосостојбата во семејството.
Третата причина, е што паричната помош за сиромашните (зборуваме на светско ниво) обично им се дава на жените. Кога жената располага со семејниот приход, поверојатно е парите да бидат употребени на храна и здравјето на децата, покажуваат студиите.
Настрана „зошто“-то, од ова барем јасно се гледа дека ставот дека сиромашните ќе ја прокоцкаат евентуалната помош е сосема неоснован. Тоа е важно не само за помош на сиромашните, туку и како аргумент во дебатата за „бесплатни пари за сите“. Зборуваме за basic income (основен приход), се разбира, кој делува сé поизвесен како правец во кој ќе се одвива иднината.