На толку изгледани цртани со тореадори и бикови, не е ни чудно што подоцна ни се врежува знаењето дека биковите ги нервира црвена боја. Но иако можеби многу луѓе не знаат, тој мит е одамна побиен.
Британскиот кабловски канал Sky 1 тоа го докажа и во еден од низата експерименти кои ги спроведоа со цел да откријат што всушност ги нервира биковите. Главниот актер во нивното истражување е Лунарито – 3-годишен бик тежок над 1.1 тон. Лунарито припаѓа на екстремно опасен вид бикови, па снимателската екипа не смее ниту да му се приближи, освен кога е затворен во посебниот говедарник (holding pen), каде што обично се чуваат биковите пред почетокот на борбата.
Како и да е, првото со што Sky 1 експериментираат се боите. Земаат 4 кукли во различни бои – зелена, жолта, сина и црвена, и една по една ги внесуваат во „кафезот“, за да видат дали некоја од боите ќе го разлути бикот.
Погодувате, ниту една од куклите нема таков ефект врз Лунарито, дури ни црвената. Тимот со право заклучуваат дека црвената боја не е виновникот што ги лути биковите.
Во вториот тест, тимот на Sky 1 се консултира со професор Глен Џефери од Универзитетскиот Колеџ во Лондон. Како што објаснува тој, биковите се многу опасни, агресивни и територијални животни. Ако видат движење во нивната територија, многу е веројатно дека ќе нападнат. Sky 1 го тестира тоа така што сега истите кукли ги закачува практично на трска, една по една внесувајќи пред Лунарито. Резултатот е јасен: бикот ги напаѓа куклите уште истиот момент штом го пуштат во „кафезот“, без разлика на бојата. Кога куклата ќе се најде зад него и не ја гледа, Лунарито веднаш се смирува. Со тоа тимот ја докажува тезата: тоа што гарантирано ги лути биковите не е бојата, туку движењето.
https://youtu.be/kaJ97azaTdk
А како да смирите разбеснет бик? Еве вака, како чичево (кое очигледно е долгогодишен чувач т.е. „carer“ на бикови):