На крајот на XIX век Бутел било мало село во Скопската каза. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година во „Бутелъ“ живееле 84 Македонци христијани.
На почетокот на XX век целото христијанско население потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија. Според податоците на егзархискиот секретар – Димитар Мишев, во 1905 година Бутел имал 128 жители, сите Македонци. На етничката карта на Северозападна Македонија, во 1929 година Афанасиј Селишчев исто така го обележува Бутел како македонско село.
Како и да е, населението на Бутел нагло пораснува по земјотресот во 1963 година, кога е подигната урбана населба за здомување на скопјаните што ги изгубиле домовите во земјотресот. Случајно или не, овој факт многу соодветствува со името на населбата.
Имено, Блаже Конески, кој ја проучувал етимологијата на зборот „бутел“, го доведува значењето на зборот во врска со значењето и на „битола“. Конески доаѓа до сознание дека заедничкиот корен на двете имиња е зборот „бутела“, т.е. „бутели“.
Според Конески, коренот на зборот е старословенски, и значи „дом“ или „живеалиште“, но во контекст на „вкоренетост“. Луѓето некогаш своите живеалишта ги врзувале за плодните места, и таму „пуштале корени“, па оттаму и значењето на Бутел и Битола, т.е. „дом“ или „вкоренетост“.