Под Open science (отворена наука) се подразбира сет од пракси дизајниран за да ги направи научните процеси и резултати потранспарентни и достапни за луѓето надвор од истражувачкиот тим. Тоа вклучува целосна онлајн достапност на комплетните истражувачки материјали, податоци и лабораториски процедури за сите заинтересирани. Многу од научниците исто така се залагаат и за open access – паралелно движење што се залага тие материјали да бидат достапни и со целосно право на нивно користење во дигиталната средина (без да морате да платите субскрипции или за пристап).
Што е целта на „отворената наука“?
Поновите истражувања покажуваат дека многу објавени научни „откритија“ не се веродостојни. На пример, истражувачите признаваат дека можат да репродуцираат само околу 40% или помалку од резултатите на студиите околу канцерот. Обемниот обид да се репродуцираат 100 од поновите психолошки студии, пак, успешно репродуцираше само помалку од половина од оригиналните резултати. Се разбира, репродукцијата на резултатите во науката е како проверка на задачата во математиката. Без тоа, науката е само „пу пу, не важи“.
За жал, реалноста е дека во денешно време тоа сé повеќе е случај. Не се работи за поединечни случаи, туку за општа состојба; до толку што упатените ја нарекуваат „репродусибилити криза“ (reproducibility crisis). Тоа тера многу научници да бараат нови начини за да ја подобрат истражувачката пракса и да ја зголемат веродостојноста на научните студии.
Отворената наука е еден од начините тоа да се постигне, сметаат пропонентите. Ако научниците ги „споделуваат“ нивните детални материјали и податоци, другите научници можат полесно да им направат проценка и да ги реплицираат. Исто така, отворената наука може да помогне да се забрза науката. Со достапноста на материјалите, другите научници можат да ги искористат и анализираат на сосема нови начини, што може да доведе до нови откритија (најголемите ионака се случајни). Примерите од неколку журнали посветени конкретно на објавување на податоци за реупотреба покажуваат дека тоа вродува со плод – цитирани се во 17 други студии за помалку од 3 години. Сите тие 17 студии се однесуваат на нови откритија, од кои дел и на сосема друга тема од таа на оригиналното истражување.
Чекај малку, па ова звучи како што ја замислувавме науката во школо, нели?
Како е ова ново?
Звучи баш така – како идеалниот принцип на кој треба да функционира науката, од сaмото свое постоење. Но реалноста е дека во пракса пристапот до науката се одвива само преку еден канал: истражувачите објавуваат статии во научните журнали во кои ги резимираат своите научни методи и резултатите од студиите. Клучниот збор овде е „резимираат“; пишувањето на јасен и краток напис обично подразбира изоставување на важни детали. Научните новинари и другите научници во полето ги филтрираат написите, но не и самите основни податоци и материјали од истражувањата; тие речиси никогаш не подлежат на ревизија.
Низ историјата тоа имаше смисла, бидејќи страниците на стручните журнали беа ограничени, а чувањето и споделувањето на материјали и податоци беше многу потешко. Но со компјутери и интернет е многу полесно да се практикува отворена наука. Сега е можно да се чувуваат големи количини материјали не само на персоналните компјутери, туку и на сé почестите онлајн сервери за складирање на податоци. Некои од научните журнали во последно време дури и ги промовираат, пофалуваат, па дури и наложуваат принципите на отворената наука.
Сé уште постојат одредени тешкотии при споделувањето на екстремно големите дата-сетови и физичките материјали (на пример, течните раствори што би ги користел еден хемичар), а одредени научници имаат и добри причини да чуваат дел од информациите за себе. Но со тек на време, многу е веројатно дека сé повеќе и повеќе научници ќе се приклучат на bandwagon-от на отворената наука. А како резултат, науката ќе напредува. Некои навистина гледаат на движењето за отворена наука како на враќање до суштинските вредности на науката. Транспарентноста отсекогаш била важна за голем дел од фелата, а со денешната технологија е многу поостварлива, па и позадолжителна.
Зошто отворената наука не е стандард?
„Против“ отворената наука работат две главни сили: навиките и структурите на награда.
Најголемиот дел од истражувачите работеле зад затворени врати (т.е. практикувале „затворена наука“) со години и декади, а менувањето на овие навики бара напор и време. Технолошката промена е побрза и веќе во тек, но бихејвиоралната е далеку потешка и побавна.
И научниците, како и сите луѓе, имаат тенденција да ги повторуваат обрасците на однесување кои се наградувани, а да ги избегнуваат тие што се „казнувани“. Уредниците на журналите, на пример, имаат тенденција повеќе да ги објавуваат извештаите кои раскажуваат уредна „сторија“ со перфектно јасни резултати. Тоа ги наведува истражувачите да ги „склопуваат“ нивните извештаи така што ќе ги изостават „малите грешки“ и „мааните“, целосно избегнувајќи ги „неуспешните“ студии кога резултатите не ги поддржуваат нивните теории. Но во реалноста податоците често се измешани, нејасни и хаотични, па практикувањето на отворена наука значително ги изложува научниците на критика.
Дополнително, научниците и истражувачите се плашат дека некој може да им ја украде идејата и да објави прв. Или дека други неправедно ќе профитираат од користењето на нивните споделени податоци и материјали, без многу напор – на пример, некој друг да ја направи истата студија со поинаква, можеби и подобра тест група.
Сé на сé, истражувачите се загрижени дека ќе бидат „казнети“ за нивната отвореност и затоа се скептични околу тоа дали екстра-напорот што го подразбира open science праксата ќе се исплати. Но, како што гледаме, „комерцијализацијата“ на науката во денешни услови вроди со еден куп квази-научници кои се борат за парче медиумски простор и дел од финансискиот колач. Сето тоа резултира со глупи студии и уште поглупи заклучоци, кои по евентуална проверка се покажуваат баш како дел од тие неверодостојни 60% чии резултати не можат да се репродуцираат. Одговорот на „публиката“ е соодветен – довербата во науката и научниците постојано опаѓа.
Моменталните пракси на научно работење не го забавуваат научниот прогрес, туку буквално го уништуваат. Ако сакаме тоа да се смени, еден од главните чекори се транспарентноста и принципите на отворената наука.