Не знам за вас, ама јас кречам во есен, зашто преку лето ѕидот ми е прекриен со смачкани комарци. Во такви моменти, сигурно и ти помислуваш: А што ако ги убиеме сите комарци и засекогаш ги истребиме од планетава? Сигурно ќе има некакви последици, ама барем раат ќе бидеме, нели? Немој да мислиш дека комарците не ги касаат и научниците. Овие вториве активно работат на наведенава замисла, ама има пар проблеми.
За почеток, масовното истребување на комарците значи дека ќе елиминираме околу 3.500 видови комарци, колку што досега се идентификувани на Земјата. Од овие, околу 200 видови комарци напаѓаат луѓе, а 3 вида – Anopheles, Culex и Aedes претставуваат ризик со тоа што пренесуваат болести како маларија и жолта треска.
Научниците истражуваат неколку начини со кои потенцијално би ги истребиле, вклучувајќи и генетски метод кој ќе предизвика комарците да продуцираат пропорционално повеќе машко потомство. Со секоја нова генерација на комарци што ќе биде примарно машка, комарците како вид би станале само-лимитирачки. За создавање на генетски модифицирани комарци, научниците користат ензим кој влијае на X хромозомите за време на продукцијата на спермата, што подоцна резултира со машки комарци.
Војната со комарците не е тазе војна. Комарците се на планетава повеќе од 100 милиони години, а тоа ја комплицира состојбата бидејќи се станати важен дел од синџирот на исхрана. Поконкретно, ако научниците најдат начин да ги истребат, тоа ќе створи значајна празнина во животната околина. На пример, во арктичката тундра, каде виреат неколку видови комарци и се храна за птиците преселници. Ако ги елиминираме, бројот на птици во таа област би се намалил за повеќе од половина.
Некои од научниците предвидуваат дека со слична судбина би се соочиле и многу видови на риби ширум планетата, кои во таков случај би морале да ја адаптираат својата исхрана за да преживеат. Такво сценарио би било особено непогодно за специјализираните предатори на комарците, како што е mosquitofish (риба-комарец). Всушност такво сценарио би било непогодно за целиот екосистем на планетата, бидејќи бројот на други инсекти и риби кои се хранат со нив страшно би опаднал, и може да се случи домино ефект низ целиот синџир на исхрана.
Како и да е, некои други научници сметаат дека во случај на истребување на комарците, и покрај тоа што некои животни би останале гладни, тоа не би значело катастрофа. Повеќето од нив порано или подоцна би се адаптирале на друг плен и животот би продолжил да се одвива нормално – само без иритантно чешање, без френетично мафтање со тепалката во 3 по полноќ и без болестите што се пренесуваат преку комарци. Маларијата, на пример, убива околу 1 милион, а разболува други 246 милиони луѓе годишно.