„Со задоволство можам да кажам пред јавноста дека, за прв пат во Македонија, заедно со доносителите на одлуки, заедно со сите експерти, сме собрани на едно место, да може отворено и, да речам – со приближени ставови, да разговараме“, изјави Хајди Штерјова Симоновиќ од ХОПС (Healthy Options Project Skopje, односно Опции за здрав живот Скопје), во гостување во „Утрински брифинг“.
Штерјова, која е член на работната група за легализација на канабисот, посочува дека Граѓанскиот сектор и секоја од организациите посебно, досега многупати ги искажале своите ставови и нивната примарна цел, а тоа се интересите на граѓаните и олеснет, легален и достапен (не скап) пристап до канабисот, за граѓаните да можат полесно да го користат за здравствени состојби или за целта за која го употребуваат.
За такво нешто, треба да се отстранат репресивните мерки, а да се воведат социјално-здравствени и економски мерки, посочува таа.
„Бидејќи нели во јавноста циркулираат неколку изрази – декриминализација, депенализација, легализација… секое од тие изрази си има свое значење. Меѓутоа, концептот на декриминализација не значи само бришење или менување на одредбите во кривичните закони, тоа претставува, на некој начин, и модел или концепт на политика на една држава, којашто ќе подразбира освен тргање на репресивните мерки, и воведување на здравствено социјални и економски мерки, што ќе олеснат легална достапност на возрасните луѓе до канабисот“, вели Штерјова.