Катица Јанева важеше за непоткуплива, а токму од пред зградата на СЈО, во маички со трите обвинителки – Јанева, Фетаи и Ристовска, почнуваа протестите на „Шарените револуционери“ за уривање на националистичко-авторитарниот и мафијашки режим на екс-премиерот Никола Груевски, пишува германскиот неделник „Шпигел“. Меѓутоа, со аферата „Рекет“, овој мит за херојското СЈО се распадна, констатира весникот.
Во статијата „Шпигел“ зборува за разочараноста на јавноста, вклучително и од снимките објавени од „Ла Верита“, и покрај тоа што сè уште нема јасни докази, барем во јавноста, за вмешаност на специјалната јавна обвинителка.
„Шпигел“ ја прозива и владата, за која вели дека неодлучно реагирала околу случајот „Рекет“. Прозван е и премиерот Зоран Заев, кој, според весникот, „остава впечаток како и тој самиот нешто да прикрива“. Се разбира, весникот не пропушта и да ја цитира неговата веројатно досега најславна изјава – дека нема да дозволи „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педep“ да му ја урнат владата.
Како што пишува весникот, аферата ја погодила земјава во еден мошне деликатен и ранлив момент – кога чека датум за почеток на преговори со Европската унија, датум кој беше одложен делумно (со акцент на „делумно“) и поради резервите на Франција, Холандија и Германија околу недоволниот напредок во судските реформи и борбата против корупцијата. Случајот „Рекет“ како да ги потврди овие резерви, констатира весникот.
Статијата во „Шпигел“ доаѓа во исто така ранлив момент како и аферата „Рекет“. Со оглед на влијателноста на весникот, написот може да им ја отежни работата на поддржувачите на Македонија во убедување на скептичните европски пратеници дека земјава заслужува датум во октомври.