Шолц и вети на Украина уште 1,4 милијарди евра воена помош

Шолц најавил дека пакетот ќе вклучува системи за противвоздушна одбрана „скајнекс“, противвоздушни оружја „гепард“, тенкови и хаубици, заедно со оклопни возила, беспилотни летала, радарски системи и артилериски гранати. Тој, исто така, ветил и околу 170 милиони евра за финансирање на енергетскиот систем на Украина

ФОТО: EPA-EFE/FILIP SINGER

Германскиот канцелар Олаф Шолц најави нова воена помош за Украина и помош за обнова на сериозно оштетената енергетска инфраструктура во земјата. Најавата од Шолц доаѓа за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Берлин.

„Германија и дава најсилна воена поддршка на Украина во Европа. Така ќе остане, можам да ве уверам во тоа “,

рекол Шолц при приемот на Зеленски, кој ја заврши европската турнеја во Германија, пренесува Политико.

Воената помош од 1,4 милијарди евра е собрана од различни извори, вклучително и неискористени федерални пари и меѓународни иницијативи за собирање средства, а Шолц истакнал дека Белгија, Данска и Норвешка, исто така, помогнале да се обезбеди новиот пакет, пренесува „Политико“.

Шолц најавил дека пакетот ќе вклучува системи за противвоздушна одбрана „скајнекс“, противвоздушни оружја „гепард“, тенкови и хаубици, заедно со оклопни возила, беспилотни летала, радарски системи и артилериски гранати. Тој, исто така, ветил и околу 170 милиони евра за финансирање на енергетскиот систем на Украина.

Зеленски дојде во Берлин за да му го претстави својот план за победа на Шолц и да го убеди да обезбеди нова воена помош, за која украинскиот лидер вели дека е потребна за да ја принуди Русија на мировни преговори.

Зеленски на состанокот во Берлин му се заблагодарил на германскиот канцелар Олаф Шолц за неговата поддршка против Русија.

„Германија ѝ помогна на нашата земја повеќе од другите со системите за противвоздушна одбрана. Тоа е факт. И тоа спаси илјадници украински животи, обезбедувајќи им на нашите градови и села заштита од рускиот терор“,

рекол тој додавајќи дека противавионските системи „гепард“ и противракетните одбранбени системи „ИРИС-Т“ и „Патриот“ се непроценливи. 

Зеленски во претходните 24 часа се сретна и со лидерите на Велика Британија, Франција и Италија, како и со новиот генерален секретар на НАТО Марк Руте.

Целта на Зеленски е да обезбеди што е можно повеќе воена помош пред ноемвриските избори во САД, кои би можеле да го вратат Доналд Трамп на власт.

- Реклама -