„Шо сте шегаџија, министре“, реагираат граѓани за новиот вебсајт на МЗ на кој можат да се информираат за вакцинацијата

Од денеска граѓаните можат брзо и лесно да се вакцинираат за процесот на вакцинација – сите информации се достапни преку новата онлајн платформа на Министерството за здравство „https://kovid19vakcinacija.mk/“, соопшти министерот Венко Филипче денеска на социјалните мрежи и веднаш наиде на мајтап.

„Секој што сака, може да се информира за вакцините, процесот и фазите на вакцинација. Најчесто поставуваните прашања се и ќе бидат достапни тука, па сајтот може да ви биде од корист во секое време. Платформата нуди и можност да се пристапи кон апликацијата за искажување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19, https://vakcinacija.mk/ “, порача Филипче.

„Хехе се информиравме дека нема вакцини шо сте шегаџија вие министре свака час“, му врати во коментари Божидар Божиновски, познат лик од социјалните мрежи, кој со своите досетки често ги критикува состојбите во државата. До овој момент, неговиот коментар има над 1.300 лајкови/реакции.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Шегата на страна, вечерва во „24 анализа“, Филипче со резерва (поради несигурност на самите производители и можноста од ново одложување) најави дека 100.000 дози вакцини на АстраЗенека ќе стигнат на 31 март и на 15 април, а до 31 март се очекуваат и кинеските.

Тој демантираше одредени гласини дека веќе се вакцинирал, но демантираше и дека се плаши да се вакцинира. Тоа ќе го стори кога ќе пристигнат поголемите количини вакцини, рече министерот, потенцирајќи дека Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска потврди дека вакцината на АстраЗенека е безбедна. Вчера, на прес-конференцијата, Филипче истакна дека тој лично нема проблем да се вакцинира со оваа вакцина.

 

- Реклама -