Шмекот на скопското корзо

Улиците, парковите, куќите, луѓето и секојдневните случувања во градот ја претставуваат душата на еден град. Еден таков белег на градот претставувало и скопското корзо. Сé што требало да се покаже во градот се покажувало при прошетките на корзото секој ден попладне, а особено во неделите.

korzo

Развојот на градот влијаел и на изгледот на корзото. Во 1919 год. улицата “Крал Петар” била крива улица со калдрма каде што шетале млади луѓе со сиромашна облека и ниска култура. Веќе во 1925 год. сликата на корзото оддавала пријатна атмосфера, додека во 1935 год. на корзото се забележувале госпоѓици и господа со лаковани чевли, свила и француски парфеми, култура која во 1938 год. веќе претставувала стандард.

Корзото на главната улица “Крал Петар” било душата на градот, каде што на попладневните променади секој се однесувал според непишани правила.

Сите на корзото знаеле каде треба да се шетаат, во својот дел на улицата. Девојките шетале на средината на улицата, а вљубените парови се шетале на главниот тротоар. По одредено време, корзото од улицата “Крал Петар” се префрлало на “Џафте” корзо кое се простирало од улицата “Цар Душан” до Железниот мост покрај кејот на реката Вардар. Најголем број од шетачите на ова корзо биле претставници на работничката класа.

Општата слика на корзото претставувала разновидност на шетачи – млади, стари и деца кои продавале разни производи, главно храна.

Во 1930 год. полициската станица на градот Скопје издала наредба за однесување на корзото. Со оваа наредба било одредено движењето на корзото, шетачите на улицата да се движат по десната , а да се враќаат по левата страна. Младите девојки кога се движеле на корзото се фаќале под рака со што правеле турканици, па затоа ваквото движење во групи не било дозволено. Родителите своите деца под 10-годишна возраст не смееле да ги носат на корзо, а било забрането возење на колички по улицата. Децата што се шетале на корзото не смееле да изгледаат неуредно, а деца без родители не смееле да се собираат во групи, бидејќи го попречувале движењето на корзото.  Шетачите на корзото се познавале меѓу себе. Напредните момчиња се истакнувале со своето однесување и начинот на облекување, а познати биле Борис Бучето, Благоја Димитров-Чавкарот, Младен, Славе Саздов, Перо Чучков-Чучук, Симо Галичник, Томо Лиаку, Икономовиќ. Младите луѓе и интелектуалците кои се школувале надвор од Скопје ја лансирале модата во облекувањето, а такви биле Петар Антин, Киро Васиљевиќ, Владо Гашев и др. Познати млади девојки кои се истакнувале со својата убавина биле Марија Шланг Бербер, ќерка на полковник, Лепосава Аранџеловиќ, ќерка на доктор Стојанов, Дидаре Ќазим, позната виолинистка и др.

Познатите боеми, “енфан терибл”, интелектуалци и уметници во голема мерка ги посетувале кафеаните. Од нив се истакнувал Драган “Лепота”, на кого му велеле, “Драган Лепото, ниси за Скопје”,Тоде Пуцер-Убавец, Трајко-Мимоза фотограф, Дончо Серафимов-Гроф, Борис Шољак, Владо Гашев и др. Тие меѓусебно комуницирале со нивен жаргон.

Извор: Градот Скопје и формирањето граѓанска класа во периодот меѓу двете светски војни (1918-1941) – од етнолошки аспект

- Реклама -