Пензионерите, лицата со попреченост и лицата со ретки болести се само дел од категориите на граѓани кои ќе добијат бројни социјални поволности и бенефицирани услуги од страна на градот Скопје во следните четири години, велат од СДСМ, посочувајќи дека повеќе од 85 илјади пензионери ќе можат секојдневно бесплатно да ја користат јавниот превоз.
На овој начин, велат од партијата, покрај за намалување на градскиот сообраќаен метеж градот Скопје директно ќе придонесе и кон заштеда на семејниот буџет на оваа, како што нагласуваат, важна категорија граѓани. Уште поважно е што ова ќе овозможи, според СДСМ и актуелниот и нивни кандидат за градоначалник на Скопје во вториот изборен круг – Петре Шилегов, побезбедно патување имајќи ги предвид безбедносните мерки против Ковид-19, што директно ги засега повозрасните граѓани кои се ризична категорија.
Шилегов смета и дека со оваа мерка, преку намалување на метежот во јавниот превоз, ќе се вратат и голем број на помлади патници.
„Пензионерите и повозрасните граѓани се извор на знаење, искуство и мудрост. Тие го граделе Скопје и ја заслужуваат поддршката од градот. Затоа им го олеснуваме животот и се грижиме за нивните потреби. Овозможуваме бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата. Нашите повозрасни граѓани ќе можат слободно да се движат и да ги остваруваат своите обврски, а не само вторник и петок. На тој начин го запираме метежот во работните денови во градските автобуси за луѓето кои одат на работа, или на училиште“, истакна Шилегов.