Шилегов на „Алсат“: Горд сум што изминативе четири години Скопје ги третира сите свои граѓани подеднакво

„Горд сум што во изминативе четири години, во првиот мандат, успеав да им го дадам Скопје на скопјани подеднакво на сите луѓе, без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност“, изјави кандидатот за градоначалник од СДСМ – Петре Шилегов, во гостувањето во „Патот кон“ на ТВ „Алсат“.

Тој истакна дека градот Скопје почнал да ги третира сите свои граѓани подеднакво и се инвестирало подеднакво на сите страни, вклучително и во делови од градот кои биле сериозно запоставени во изминатите 40-50 години.

„Градот се интегрираше бидејќи политиките ни се такви да институционално и јас како градоначалник ја испративме пораката за изедначување на граѓаните. Граѓаните на дело видоа дека градиме ‘Едно општество за сите’, ветување што го дадовме уште во 2016 и 2017 година“, подвлече Шилегов.

Според него, таквата посветеност и изедначувањето на граѓаните резултирало и со зголемена безбедност и сигурност, а посочи и дека нема веќе тепачки помеѓу средношколците.

- Реклама -