Шекеринска: Преспа е најевропски регион во земјава, ги заслужи најголемите европски фондови

„Преспа е најевропскиот регион во нашата држава. Регион, кој ги очекува најголемите европски фондови. Ама и ги заслужи, бидејќи фондовите се пари, шанса за инфратсруктура, за решавање проблеми“, истакна Радмила Шекеринска на вечерашниот предизборен митинг на СДСМ во Ресен под мотото „Најдоброто за мојата општина“.

До пред четири години, оцени Шекеринска, регионот бил комплетно занемарен и заборавен.

„Преспа и Ресен тргнаа навистина од многу проблеми. Но, денеска одговорно тврдам дека Преспа е најевропскиот регион во нашата држава. Европските фондови овде се заслужени бидејќи вие секој ден овде ги живеете европските вредности. Во Ресен не треба да се зборува за Европската унија. Тие вредности се чувствуваат. Не постоеше европски претставник кој ги посети Преспа и Ресен а да не каже дека навистина го почустувал тој дух на заедништво, решавање на проблеми и желба да се оди напред“, истакна таа.

Барајќи ја довербата на преспани за кандидатот за градоначалник на коалицијата предводена од СДСМ – Живко Гошаревски, Шекеринска потсети на проектите реализирани на национално ниво, како зголемувањето на минималната плата, растот на пензиите, социјалната помош, инвестициите во инфратсруктурата, влезот на земјава во НАТО.

Таа подвлече дека Владата се обврза да не ги троши парите на палати и споменици и да ги вложува во центарот на Скопје, туку да инвестира онаму каде што е најпотребно, кај граѓаните и општините.

Прочитајте и:  Руте ја назначи Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО

„Кон земјоделците насочивме 430 милиони евра, од кои еден дел и тука во Преспа, оти од нивниот труд живеат многу семејства. Од нивниот труд се хранат сите наши семејства. Заедно со општините инвестиравме во нашите најмлади. Во претходните 11 години беа иизградени 45 градинки, а сега само за четири години успеавме да изградиме 60 градинки и опфатот на деца да го зголемиме за 130 проценти. Во изминатиот период нашиот фокус не беше стиропор, туку да инвестираме во асфалт, водовод и канализациски мрежи, патишта…“, истакна Шекеринска.

Во изминатите четири години, во соработка со општините, нагласи дека се реализирани 7.000 проекти само на локално ниво.

„Успеавме 50 милиони евра директно да ги насочиме кон буџетите на општините, а 80 милиони евра ги потрошивме за локални проекти“, потсети Шекеринска.

Во обраќањето, таа упати и обвинувања на адреса на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за блокирањето на повеќе закони во Собранието. Истакна и дека европските лидери потвдиле дека Северна Македонија го исполнила ветеното, испорача реформи и дава резултати, но оти останува ЕУ да го испорача своето.

- Реклама -