Шекеринска: Прашањето не е што ќе кажеме во говорите, туку што ќе направиме за решавање на проблемите

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Јас не чув изненадувачки квалификации. Имаме ние корупција – имаме корупција, ама дали таа ќе ја поправиме со тоа што ќе одржиме говор за корупцијата или ќе ја поправиме со тоа што ќе кажеме што сме направиле или што ќе направиме, изјави вечерва во Дневникот на Сител министерката за одбрана Радмила Шекеринска во однос на вчерашните изјави на поранешниот претседател Бранко Црвенковски и премиерот Зоран Заев.

– Сум соработувала со повеќе претседатели на партии, со претседатели на влади и особено во владините тимови до некаде и партиските сум имала едно правило. Не раскажувам мислења тогаш кога е популарно тие да се кажат, туку тогаш кога е вистинското време некои работи да ги подобри. И на едниот и на другиот премиер сум укажувала и работи кои можеби и не биле најпријатни. Аплауз има кој да удира. Сум била таа која што некогаш сум ја зборувала и потешката вистина, рече Шекеринска.

Прашањето, според неа, не е што ќе кажеме во говорите, туку што ќе направиме денес за тие проблеми да се решаваат.

– Нашата Влада се посвети на решавање на проблеми кои не сме ги создале, туку сме ги добиле во наследство. И мислам дека е коректно сите колку што можеме да помогнеме да тргнеме напред. А тоа дека сме поделена држава, дека има многу поларизирана политика сега ќе извинете, имам малку повеќе искуство, не гледам дека претходните парламенти или влади живееле во идиличен свет во којшто сме се согласувал, рече Шекеринска.

Како Влада, додаде, се сконцентриравме на тоа да не бараме виновници, да не се жалиме на тешкото минато и тешкото наследство што сме го добиле, туку да се потрудиме некои од тие проблеми да ги решаваме.

– Јас мислам дека балонот беше спомнат во смисла на долгот. Јас би рекла дека тоа е една прилично идеја која што беше многу присутна ама пред 20 години. Во сегашниот свет, не само постковид, туку ако ги анализирате и документите и на Светска банка и на ММФ ќе видите дека едни од најразвиените држави се држави коишто во овој период им растеше долгот. Инаку, ако тргнете дека не треба да се задолжувате нема начин како да ја водите државата. Прашањето е за што ги користите парите. Оваа Влада покажа дека парите се вложуваат таму каде што треба, нагласи Шекеринска.

Прочитајте и:  Агелер: Честитки до Шекеринска и до премиерот Мицкоски и Владата што ја поддржаа нејзината кандидатура

Во однос на посетата на претседателката на Европската Комисија, министерката Шекеринска смета дека пораката што таа ја испрати е порака и кон земјите членки на ЕУ, но и на сите нас.

– Мислам дека клучните реченици кои таа ги изговори во Скопје е дека ЕУ мора да честита на извонредниот напредок и дека сега е ред на нив, на членките на Унијата да го испрачаат ветеното. Со тоа не е завршена рабоптата, од моментот кога се бориме за членство во ЕУ до денес секогаш мора да сметаме на тоа дека некои политички структури и некои земји се прилично скептични во проширувањето. Мора да се погоди и вие да испорачате, а и ЕУ во тој момент да нема избори да нема дилеми и да нема политички елити кои по овие прашања имаат дилеми, рече Шекеринска.

Откако постоела ЕУ, додаде, во секое проширување имало една група на земји и политичари кои биле – за и една која била – против.

– Наша задача е да работиме со поддржувачите на проширувањето, да даваме аргументи на тие што се критичари и да зборуваме колку е тоа важно за регионот, рече Шекеринска.

- Реклама -