„Честит роденден Армијо наша. Нека љубовта и лојалноста кон татковината ти го осветлуваат патот кон иднината“, порача министерката за одбрана денеска на Твитер по повод 18 Август – Денот на Армијата.
„Чест ми е и гордост што годинава за првпат Денот на Армијата 18 Август го одбележуваме како членка на НАТО. Ви благодарам што ме направивте горда министерка за одбрана“, додаде Шекеринска.
Честит роденден Армијо наша. Нека љубовта и лојалноста кон татковината ти го осветлуваат патот кон иднината. Чест ми е и гордост што годинава за првпат Денот на Армијата 18 Август го одбележуваме како членка на НАТО. Ви благодарам што ме направивте горда министерка за одбрана. pic.twitter.com/4caHIDANX3
— Радмила Шекеринска (@Sekerinska) August 18, 2020
Таа, се разбира, беше дел и од Централната свеченост, заедно со претседателот на државата Стево Пендаровски и техничкиот премиер Оливер Спасовски.
„Долг пат поминавме од местото каде што почнавме пред три години. Станавме триесетта членка на Алијансата, и дел од најмоќниот воено политички сојуз. Се опкруживме со сојузници кои ги споделуваат нашите вредности. Нашето знаме гордо беше подигнато и се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел. Но, најважно од се, заедно со подигањето на нашето знаме, се подигна и нашата гордост и главата на сите граѓани“, рече Шекеринска во обраќањето.
Со кревањето на македонското знаме во Брисел, според неа, „за првпат во историјата на нашата татковина успеавме да забележиме успех кој ја помести нашата држава напред и и ги отвори перспективите“.
„Нашето знаме гордо беше подигнато и се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, пред сојузничката команда за операции во Монс, пред сојузничката команда во Норфолк, како и во сите останати команди на НАТО Алијансата. Од зборови и надежи направивме резултат. Од прослави на кои НАТО знамето беше пример и симбол на нашите желби, дојдовме во ситуација да го прославуваме денот на Армијата и знамето на НАТО да биде дел и симбол на нашата припадост и успех“, рече Шекеринска.
Таа додаде дека членството во НАТО значи и одговорност – државата треба да продолжи да ги негува заедничките вредности, но и да ги исполнува целите на НАТО за мир, демократија и соработка.
Патот до членството во НАТО не бил воопшто лесен, истакна министерката, која изрази разочараност од состојбата што ја затекнала во Армијата, и притоа ги образложи скалилата што, како што рече, Министерството за одбрана морало да ги искачи за да ја отклучи вратата на Алијансата.
Според Шекеринска, првото скалило било зголемениот буџет, потоа стратешкиот одбранбен преглед, па зголемувањето на платите во Армијата, новата лична опрема, нови инженерски машини, договорот со САД за набавка на нови оклопни возила и реновирање на касарните.
Во обраќањето, Шекеринска им се заблагодари на сите поранешни и сегашни припадници на Армијата и им порача да бидат горди, бидејќи, како што истакна, тие имале клучна и огромна улога во пишувањето на влезницата за НАТО.