Шефот на СЗО: Ако не се почитува основното, пандемијата ќе оди само во еден правец – полошо и полошо и полошо

Бројот на заразени од коронавирус во светот денеска надмина 13 милиони. За последниот милион заразени беа потребни само пет дена. Пандемијата досега yби повеќе од половина милион луѓе за шест и пол месеци.

Поради ваквите бројки, шефот на Светската здравствена организација (СЗО) – Тедрос Адханом Гебрејесус, денеска порача дека ќе нема враќање назад кон „старата нормала“ во догледно време, особено ако се игнорираат превентивните мерки.

„Дозволете ми да бидам директен – премногу земји одат во погрешен правец. Вирусот останува непријател број 1 на јавноста“, рече тој на виртулен брифинг од седиштето на СЗО во Женева.

„Ако основите не се почитуваат, единствениот правец во кој ќе оди оваа пандемија е кон полошо и полошо и полошо. Но, не мора да биде така“, истакна Гебрејесус.

Според податоците на Reuters, кои се базираат на податоци од владите, Ковид-19 брзо се шири во Латинска Америка. Во двете Америки се повеќе од половина од вкупниот број на заразени во светот, но и половина од смртните случаи. Во делови од светот, посебно во САД – со 3.3 милиони потврдени случаи, сѐ уште се бележат огромни порасти во првиот бран на Ковид-19, додека во други земји „срамнета е кривата“ и ги намалуваат рестриктивните и карантински мерки.

Во други места, пак, како австралискиот град Мелбурн и Лечестер во Англија, се воведуваат втора рунда карантини. И Хонгконг, иако со релативно мал број од 1.522 случаи, ги затегнува мерките за социјално дистанцирање, во страв од трет бран.

На 10 јули, САД пријавија глобален дневен рекорд од 69.070 нови случаи за 24 часа. Во Бразил 1.86 милиони се позитивни на тестовите, вклучително и претседателот Жаир Болсонаро. Починати се повеќе од 72 илјади луѓе.

Американската држава Флорида во неделата пријави рекорден пораст од над 15 илјади новозаразени за 24 часа, што е повеќе од вкупниот број на случаи во Јужна Кореја од почетокот на пандемијата до денес. Денеска Флорида пријави уште 12.624 нови случаи. Заразата во последните две недели е во пораст во околу 40 американски држави, според Reuters, во споредба со претходните две недели.

Лидерот на регионот Каталонија во Шпанија ги повика граѓаните на област со 160.000 жители, која бележи пораст на заразени, да останат дома, и покрај тоа што судот одлучи против задолжителен карантин. Шпанија го укина карантинот минатиот месец, откако се чинеше дека епидемијата во земјата е ставена под контрола.

И Индија, земјата со трет најголем број на заразени, бележи во просек по 23 илјади новозаразени секој ден од почетокот на јули наваму. Во земји со ограничен капацитет за тестирање, бројките рефлектираат пропорционално присуство на вирусот. Според експертите, реалните бројки веројатно се повисоки, и во бројот на заразени и во бројот на починати, од оние кои се пријавуваат.

Како што истакнува Ројтерс, почнувајќи од првите случаи во Кина, потребни беа 3 месеци за бројот на заразени во светот да го достигне првиот милион, односно границата од 1 милион заразени. Сега, за само пет дена, бројот на заразени во светот се искачи од 12 на 13 милиони.

- Реклама -