Руското Министерство за наука и високо образование го суспендираше раководителот на Институтот за општа генетика при Руската академија на науките, кој предизвика контроверзии со своите тези дека луѓето некогаш живееле со векови и дека животниот век на современиот човек е пократок поради гревовите на неговите предци.
Како што пренесе БТА, иако причината за отпуштањето на Александар Кудрјавцев не е откриена, Руската православна црква го опиша потегот како верска дискриминација.
Кудрјавцев, кој го предводеше Институтот за општа генетика при Руската академија на науките, ја истакна својата теза во труд прочитан на конференција минатата година. Тој тогаш тврдеше дека пред ерата на библискиот потоп, луѓето живееле околу 900 години и дека „првородените, предците и личните гревови“ предизвикуваат генетски болести кои го скратуваат животниот век. Децата „до седмо колено се одговорни за гревовите на нивните татковци“, рекол Кудрјавцев.
Според шефот на комисијата за семејни прашања на Руската православна црква, Фјодор Лукјанов, разрешувањето на Кудрјавцев „поради религиозни убедувања и изјави во согласност со овие верувања, ја нарушува етиката на научната заедница“.
– Веќе ја преживеавме советската епоха, кога генетиката долго време се сметаше за псевдонаука бидејќи беше во спротивност со недокажаната хипотеза на Дарвин. Во тоа време, совесните научници беа исфрлени затоа што се држеа до вистинската слика за светскиот поредок, изјави Лукјанов за РИА Новости