Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, најави дека до второто полугодие „ќе има решение“ за учебникот по Историја и општество за петто одделение, во кој се констатирани низа грешки и нелогичности.
„До второто полугодие ќе имаме решение и ќе побараме од авторите да ги корегираат грешките. Ако се утврди дека грешките се повеќе од 30 проценти, ќе заземеме став. Очекуваме дали се само тие или има уште“, рече министерот во гостување во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24.
Министерството за образование и наука и Педагошката служба на 16 декември соопштија дека почнале процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение.
Денеска, пак, со реакција за учебникот денеска се огласи и Здружението на историчарите на Република Македонија, од каде најавија дека во најскоро време до МОН ќе достават детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе се побара тој да биде повлечен од употреба, но и целата Концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата. Покрај низата неосновани и неточни информации во учебникот, тие замеруваат и што ниту еднаш не се користи „Македонија“ како историски термин, а и придавката „македонски“, велат, одвај се спомнува.