Колумбиската поп ѕвезда, 46-годишната Шакира се договори со обвинителите во понеделникот, избегнувајќи судење во Барселона под обвинение дека не платила 14,5 милиони евра данок на приход во Шпанија во периодот од 2012 до 2014 година.
Како дел од спогодбата, таа го прифати обвинението и се согласила да плати 50 отсто од наводниот долг, што е околу 7,3 милиони евра. Се согласи и да плати парична казна од 438.000 евра за да избегне тригодишна затворска казна, рече судијата за време на сослушувањето.
„Дали го прифаќате тоа и дали се согласувате со бараните казни?“, праша судијата Хозе Мануел дел Амо Санчез. „Да“, одговори Шакира, пренесуваат шпанските медиуми.
Облечена во розов костум, усогласен со розова чанта и очила за сонце, таа пристигна неколку минути пред 10 часот во придружба на своите адвокати, додека голем број медиуми чекаа пред судот во Барселона. Во четвртокот вечерта Шакира освои две музички награди Латино Греми во Севиља, град на југот на Шпанија.
Претходно пејачката, позната по песната „Hips Don’t Lie“ (Колковите не лажат), најави борба против, како што рече, лажните обвинувања.
Обвинителството побара затворска казна до осум години и враќање на даноците што тврди дека ги должи. Според обвинителството, Шакира поминува повеќе од половина од годината во Шпанија, па таму требало да плати данок. Исто така, се вели дека имотот во Барселона, кој го купила во мај 2012 година, служел како семеен дом.
Во текот на годината, глобалната ѕвезда одржува бројни концерти низ светот, поминувајќи многу време во странство, а претходно во нејзината одбрана беше наведено дека приходите ги заработува таму, како и многу светски уметници, а не во Барселона.
Шакира живееше 11 години со поранешната фудбалска ѕвезда на Барселона и шпанската репрезентација Жерар Пике, а двојката има две деца. Пејачката, чие целосно име е Шакира Изабел Мебарак Рипол, по разделбата се пресели во Мајами.
Шпанските даночни власти гонеа и други познати личности под обвинение за затајување данок, меѓу кои хрватскиот фудбалер на Реал Мадрид, Лука Модриќ, неговиот поранешен соиграч од Португалија, Кристијано Роналдо и најдобриот светски играч, Аргентинецот Лионел Меси, кој тогаш играше за Барселона. Обвинети за основање фиктивни компании во ткн „даночни раеви“ или земји со ниски даноци за да избегнат плаќање даноци во Шпанија, сите се изјаснија за виновни, го платија потребниот износ на даноците и платија казни.
Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и сегашен тренер на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, пак, одби да се спогоди и на крајот на суд го доби спорот против шпанската даночна управа. Врховниот суд на Шпанија минатиот месец ја потврди ослободителната пресуда за него.