„Пензискиот фонд е стабилен и и во услови на пандемија успеваме да ја гарантираме извесноста на пензиите. Нивната исплата е редовна и се исплаќаат предвреме“, изјави министерката за труд и социјална политика – Јагода Шахпаска, во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ „Сител“.
Таа го коментираше неодамнешното усогласување на пензиите со зголемувањето на трошоците за живот, при што беа зголемени за 1.2% (188 денари на ниво на просечна пензија и 125 денари на ниво на најниска пензија). Шахпаска рече дека власта ги разбира реакциите на граѓаните и дека таа би била најсреќна кога пензиите би можеле да се зголемат за многу повеќе од 1.2%.
„Има сериозни реакции дека ова усогласување е мало и недоволно и ние сме свесни. Би бил најсреќна кога би можела да ја зголемам пензијата не со 1.2 проценти како сега, туку со порастот на минималната плата за 15% и просечната плата за 5%, кога БДП би бил над 4.1 процент доколку не се случеше пандемијата“, истакна министерката за труд и социјална политика, додавајќи дека Владата – и во услови на пандемија – сака да гарантира почитување на законите и зголемување на вредноста на пензиите.
Шахпаска повтори дека пензионерите двапати во годината го добиваат законското усогласување согласно порастот на трошоците за живот. Со порастот од 1.2% во јануари и сега повторно пораст од 1.2% во јули, тоа се 300 денари кои пензионерите ќе ги добиваат секој месец, до крајот на годината, заклучи таа.
Министерката додаде и дека очекува пензиите да продолжат да растат:
„Нашата економија постепено ќе закрепнува. Со порастот на БДП – за кој постојат сериозни анализи дека ќе биде над 4.1%, верувам дека пензиите ќе продолжат да растат“, рече таа.