Северна Македонија ќе купи осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо“

Веста за првичната одлука ја соопшти министерката за одбрана во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Станува збор за два типа летала: едниот хеликоптер е со поголема носивост – до 14 патници со опрема, а другиот е со помала носивост – до осум патници, исто така, со вклучена опрема

Набавката на хеликоптерите ќе ја чинат земјата околу 230 милиони евра, а тие ќе бидат испорачани во период од 24 до 36 месеци од денот на потпишувањето на договорот

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во гостување во „360 степени“ на МРТ 1, првпат јавно соопшти детали за тоа какви хеликоптери ќе купи Северна Македонија. Одлуката не е конечна, вели Петровска, но пред една недела на состанок на управната група, ставот на Генералштабот, поддржан и од министерката, бил дека треба да се прифати една од понудите на италијанскиот производител „Леонардо“, која подразбира набавка на два типа летала – „агуста 149“ и „агуста 169“ врз основ на нивните перформанси и цената во која е вклучено и одржување.

„Едниот хеликоптер е со поголема носивост – до 14 патници со опрема, а другиот е со помала носивост – до 8 патници, исто така, со вклучена опрема. Тоа е она што во моментов можам да го соопштам за понудата. Се разбира, сега одиме на следна фаза – на комисија за набавки. Досега тоа го работеше интегрираниот проектен тим, сега согласно процедурите ќе се формира комисија која ќе започне со преговарање со компанијата чија понуда е селектирана како најповолно. Ова првпат го соопштуваме јавно“,

рече министерката Петровска.

Од гостувањето на министерката за одбрана Славјанка Петровска во емисијата „360 степени“ на МРТ 1

Таа вели дека ограничувањата за набавки кои ќе стапат на сила пред изборите нема да го запрат процесот на набавка на хеликоптерите, бидејќи овој проект е предвиден во плановите.

„Минатата седница на Влада го донесовме годишниот план за набавки ’влада со влада’ во кој е предвиден овој проект, така што процесот продолжува и нема да има притисок од времето. Меѓутоа, и самиот тим и луѓето од компаниијата која е дел од воената индустрија се свесни за притисокот кој го имаат и од армиите и од други поради зголемената побарувачка“,

кажа Петровска.

Министерката рече дека набавката ќе чини околу 230 милиони евра, а рокот за испорака е од 24 до 36 месеци од денот на потпишување на договорот. Буџетот за одбраната за 2024 година изнесува 2,05 отсто од БДП или околу 330 милиони евра од кои една третина се наменети за модернизација на Армијата и продолжување на повеќегодишните набавки на оклопни транспортери од САД, системи за противвоздушна одбрана од Франција и артилериски системи од Турција. Во план е да се купат и дронови, но постапката за избор на производителот е во тек.

- Реклама -